По повод месецот на книгата Општинската установа-Матична библиотека „Кочо Рацин“-Пехчево организираше средба со писателката Драгица Најческа. Средбата се одржа во општинската сала за состаноци. Средбата ја отвори В.Д. Директорката Габриела Костадинова и ги поздрави гостите со следните реченици.
„Светот на книгите е најубавото создавање на човекот. Ништо друго што тој гради не може да трае. Спомениците паѓаат, народот исчезнува, цивилизацијата остарува и умира. Но, во светот на книгите постојат романи кои биле сведоци на ова и се уште живеат, се уште се млади и свежи исто како на денот кога биле напишани. Се уште го крадат срцето на човекот. Книгите се најтивките и најпостојаните пријатели, најмудрите советници и најтрпеливите учители. Затоа постојано треба да читаме, зашто читањето за умот е исто што и вежбањето за телото. Читањето го чува умот, го зајакнува и освежува. Тоа е основната алатка за добриот живот “- истакна г-ѓа Костадинова.
Критички осврт на романите „Омраза длабоко“ и „Друга мајка“ дадоа Габриела Костадинова и проф. по македонски јазик Јулија Велковска.
Пред присутните на крајот свое обраќање имаше и писателката Драгица Најческа, која покрај другото се заблагодари на директорката Костадинова за нејзината покана да биде гостинка во библиотеката во Пехчево.
На средбата присуствуваше и градоначалникот на Општина Пехчево Игор Поповски.