Започнува реализацијата на проектот за реконструкција на улиците „Илинденска“, „Мирче Ацев“ и „Даме Груев“ во Пехчево
Со воведување во работа на изведувачот, денеска официјално започна реализацијата на значаен инфраструктурен проект во Општина Пехчево, кој опфаќа реконструкција на улиците „Илинденска“, „Мирче Ацев“ и „Даме Груев“, како и нивните краци, со изградба на нова атмосферска канализација.
Проектот има за цел да ја подобри патната инфраструктура и системот за одведување на атмосферските води, со што ќе се обезбеди поголема безбедност во сообраќајот, подобри услови за движење на граѓаните и долгорочна заштита на коловозите од оштетувања предизвикани од врнежи.
Со изградбата на современа атмосферска канализација ќе се реши долгогодишниот проблем со задржување на дождовните води на овие улици, а реконструкцијата ќе придонесе за поквалитетна урбана инфраструктура и подобрен изглед на овој дел од градот.
Од Општина Пехчево истакнуваат дека продолжуваат со реализација на капитални проекти кои директно го подобруваат квалитетот на живот на граѓаните и создаваат услови за понатамошен развој на локалната заедница.
„Денешното воведување во работа претставува почеток на уште еден значаен инфраструктурен проект за Пехчево. Реконструкцијата на улиците „Илинденска“, „Мирче Ацев“ и „Даме Груев“, заедно со изградбата на атмосферската канализација, не е само инвестиција во патната инфраструктура, туку инвестиција во иднината на нашиот град.
Со вакви проекти создаваме побезбедни улици, подобри услови за секојдневното функционирање на граѓаните и поквалитетна комунална инфраструктура која ќе служи со децении. Нашата цел е Пехчево да се развива како современа и функционална општина, со инфраструктура која ги задоволува потребите на сегашните и идните генерации.
Ќе продолжиме посветено да работиме на реализација на проекти кои носат вистински придобивки за граѓаните, бидејќи секоја нова инвестиција претставува чекор напред кон економскиот развој, подобрувањето на животниот стандард и создавањето подобри услови за живот во Пехчево.“ рече градоначалникот Александар Китански

