Во просториите на библиотеката „Кочо Рацин“-Пехчево се одржа поетско читање во чест на македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин.
„Поводот што денеска сме собрани овде во просториите на библиотеката во ова февруарско попладне е во чест на двата празника Св.Трифун и Св.Валентин. Затоа ви посакувам добредојдовте во ова наше мало, скромно, но сепак пријатно и топло литературно катче за читање, дружење и релаксирање. Зошто навистина ќе биде така, после поетското читање ќе следуваат моменти на дружење и забава.“- истакна водителката и поетеса Габриела Костадинова. Таа на присутните гости им објасни кое е значењето на празнувањето на Св.Трифун и Св.Валентин и како се празнува денот на вљубените во Македонија и во др. земји како што се Јужна Кореја, Јапонија и Кина.
Директорката на библиотеката Јасмина Цековска проф. по македонски јазик Јулија Велковска и Елица Јовевска соработник за локален економски развој, читаа дел од поеската збирка на љубовни песни „Антологија на болката“ од познатиот поет Кочо Рацин. „Рацин не пишува само патриотски, родољубиви и социјални песни. Тој во своето поетско творештво создал една збирка на песни наречена„Антологија на болката“ како резултат на неговата голема љубов кон Рахилка. И поради таа несреќна и невозвратена љубов тој ги создава љубовните стихови посветени на Раца“ – истакна г-ѓа Костадинова.
После поетското читање следуваа моменти на забава и дружење. Низ една необична, интересна и шеговита игра водителката Габриела ги прошета гостите низ лавиринтот на животот и низ светот на фантазијата и имагинацијата, за на крајот да ги врати во стварноста и со мала доза на емоции заедно со директорката Јасмина да им подарат по едно црвено плишено срце во знакот на љубовта и виното. Уште двајца од присутните гости добија подарок за најдобра рецитација и за најбрз одговор на гатанката што беше поставена од страна на Габриела а се во знакот на љубовта. На крајот забавата заврши со мал, скромен коктел што го приредија вработените во библиотеката „Кочо Рацин“