Учениците од основното училиште ” Ванчо Китанов ” денес засадија желади во саксии со што ја започнаа кампањата ” Садница плус “, што се спроведува во рамките на акцијата ” Ден на дрвото, засади ја својата иднина! ” во соработка со Министерството за образование и наука.
Заедно со дечињата семе засеа и градоначалникот на општина Пехчево Игор Поповски кој рече дека општината и во иднина ќе продолжи да ги почитува напорите на граѓанската иницијатива Ден на дрвото”.
-Ентузијазмот кој денес го споделивме со децата кои ги засадија семките за дрвца ме убедува дека иднината на акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина!“ е цврсто вкоренета во желбата и свеста на младите учесници. Покрај тоа што засадивме желад во една саксија, кај младите генерации засадуваме нова култура, традиција, желба и почит кон македонскиот даб и македонската шума. Тоа е нешто непроценливо и општината и во иднина ќе продолжи да ги почитува напорите на граѓанската иницијатива ,, Ден на дрвото”, изјави Поповски.
Во оваа зелена акција учество земаа и најмладите жители на општина Пехчево, дечињата од градинката ,, 7 Септември ’’. Тие денес исто така засадија желади во ровка земја и дадоа свој придонес кон акцијата Ден на дрвото- Засади ја својата иднина!.
Дечињата ќе бидат тие кои ќе го водат целиот процес од засадување на семки во саксии до подигнување на садниците и нивното одгледување. Наесен израснатите садници ќе бидат садени на различни локации.
Целта на овој проект е преку масовно дружење и сопствено искуство да се поттикне еко-свеста кај најмладата популација, да се почувствуваат одговорни за доверената задача.
Кампањата ,, Садница плус “, по втор пат се реализира во образовните институции во Пехчево и е дел од 11-тата акција за садење дрвца ,, Ден на дрвото “.
Проектот го спроведува организацијата ,, Ден на дрвото – засади ја својата иднина”, во соработка со општина Пехчево.