Општина Пехчево во соработка со Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за образование и Црвен Крст, вчера за прв пат го одбележа Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди. По тој повод во центарот на Пехчево се организираа низа едукативни манифестации и хуманитарни акции.
Општина Пехчево за одбележување на Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди, заедно со останатите институции, постави штанд на центарот на Пехчево, на кој членови од Црвен Крст делеа едукативен и информативен материјал од областа на безбедноста на сообраќајот на патиштата, кои им беа поделени на присутните на плоштадот, додека полициски службеници вршеа контрола на сообраќајот и на возачите им делеа едукативен материјал со цел да се зголеми безбедноста на сообраќајот на патиштата и да се намали бројот на жртвите.
Во организација на општина Пехчево, Заводот за трансфузиологија од Скопје и Црвен Крст од Берово во Домот на Културата ,, Јане Сандански ’’, беше организирана крводарителска акција. Жителите на општина Пехчево уште еднаш ја покажаа својата хуманост и солидарност, преку дарувањето на крв да спасат нечиј живот, зашто крвта е незаменлив лек, секојдневно потребна за да се продолжат многу животи.
Градоначалникот Игор Поповски се вклучи во акцијата даруваше крв и ја потврди својата хуманост и солидарност.
-Ова ми е 1-во дарување крв и навистина сум среќен што сум дел од ваквите хуманитарни акции. Оттука ги повикувам сите граѓани на Пехчево и пошироко, да се вклучат во крводарителската акција бидејќи со тоа навистина можат да спасат нечиј живот, истакна градоначалникот Поповски.
Во спроведената крводарителска акција беа собрани вкупно 35 крвни единици.
Во Домот на културата од страна на Црвен Крст и екипа од Здравниот дом – Пехчево беше организирана и акција за мерење на шеќер во крв и мерење на крвен притисок, каде беа извршени 65 прегледи. Лентите за мерење на шеќер се донација од Црвен Крст.
Исто така волонтери на Црвен Крст во соработка со МВР и Здравен дом – Пехчево, подготвија и изведоа симулација на сообраќајна незгода. Во импровизирана сообраќајна незгода во центарот на Пехчево во несреќата при судар на џип и кола, имаше две повредени лица здобиени со тешки повреди на вратот и на телото. Се даваше прва помош на повредените, а местото на настанот беше соодветно обезбеден со пристигнувањето на полициските службеници, а повредените лица беа преземени од Итната медицинска помош.
Полициските службеници извршија и увид на местото на настанот со земање на податоци од возачот на автомобилот и воочување на причините за настанатата сообраќајна несреќа.
Во организацијата на одбележување на Светскиот ден за сеќавање на жртвите во сообраќајни незгоди беа вклучени и учениците од ООУ ,, Ванчо Китанов ’’. Беа изложени цртежи за безбедност во сообраќајот и се одржа семафор во центарот на градот.