Иако бактериолошки исправна, во последно време а особено во периоди на дождови сме сведоци на фактот дека од нашите чешми тече нечиста и заматена вода. Тоа е резултат на големиот шумски пожар од 2011 година во кој беше зафатено и сливното подрачје на Пехчевска река над водозафатот (филтер станицата) од која со вода за пиење се снабдуваат градот Пехчево и селските населби Чифлик, Умлена и Робово. Опожарената површина повеќе нема вегетација која го регулира оттекот на водите, почвата повеќе не е заштитена од силата на поројните дождови и при такви услови веќе се јавуваат големи поплавни бранови при што вршат механичко а веќе и хемиско загадување на водата при што општината е затечена од новонастаната ситуација и има потреба од докомплетирање на филтер станицата и монтирање на регулаторни вентили за да се справи со катастрофата и да го заштити населението од евентуални болести.
За таа цел, преку проектот Општински стратегии за климатски промени – проект на УСАИД кој го имплементира Милиеуконтакт Македонија, а кој што се спроведува во општина Пехчево од страна на ЦЕнтарот за лековити билки и шумски плодови Амброзија, обезбедени се средства од 20.000 долари за докомплетирање односно адаптација на филтер станицата од последиците на климатските промени што вклучува опремување на лабораторија и монтирање на регулаторни вентили.
Спроведувањето на оваа итна акција е во тек, така што во најскоро време ќе се реши проблемот со нечистата вода за пиење во општина Пехчево.