Со средства обезбедени со Министерството за транспорт и врски со Одлука за распределба на средства од Буџетот на Република Македонија за 2018 година за подршка на имплементација на декадата и Стратегијата на Ромите ќе се реконструира улица во село Црник од подрачното училиште Ванчо Китанов се до центарот на селото.
Денес стручни лица од општина Пехчево заедно со градоначалникот Тренчовски, беа на терен и ја воведоа во работа фирмата која ќе ги изведува градежните работи.
Улицата е во должина од 457 м, а ќе се реконструира горниот слој од коловозната конструкција, со нов асфалтен слој од 5см, крпење на дупки и поставување на каналетки на дел од улицата за одвод на водата.
Градоначалникот Тренчовски истакна дека жителите на село Црник веќе повеќе децении имаат потреба од реконструкција на оваа улица.
-Повеќе од две децении жителите на село Црник имаа потреба од реконструкција на оваа улица. Еве денес сме овде да ги воведеме фирмата Жикол од Струмица во работа, за да наредната недела почнеме со изградба. Инвестицијата е во вредност од 2.320.040 денари, кои се обезбедени со Министерството за транспорт и врски со Одлука за распределба на средства од Буџетот на Република Македонија за 2018 година за подршка на имплементација на декадата и Стратегијата на Ромите, рече Тренчовски.
Инаку, изведувачот Жикол ДООЕЛ е должен сите предвидени работи да ги заврши во рок од 40 дена.