Денес Министерот за здравство Никола Тодоров го посети Здравственот дом во Пехчево. Тодоров заедно со градоначалникот на општина Пехчево Игор Поповски ги посетија реконструираните простории во Здравниот дом во Пехчево, се со цел да направи увид во функционирањето на новонабавената опрема во текот на минатата година.
Градоначалникот Игор Поповски и директорката на Здравниот дом, го известија министерот за недостатоците во кадар и медицинска опрема и дека овие проблеми треба во најбрз можен рок да се отстранат затоа што, кон овој Здравствен дом гравитираат и од соседната општина Берово.
-За реконструкција на покривот се вложени 1,1 милион денари, а 2,5 милиони денари се вложени во опрема, со што Министерството за здравство минатата година создаде услови за поефикасна здравствена заштита за жителите на Пехчево и околните места, рече Министерот Тодоров.
Директорката на Здравствениот дом д-р Драгица Апостолова го информираше Министерот за потребата од педијатар, и дека поранешните тешкотии во работењето на таа здравствена установа се надминати со набавка на поголем број на медицински апарати, како мамограф, ЕХО на срце и други дијагностички апарати, но и со можноста за специјализација на доктори од таа јавна здравствена установа.
Градоначалникот Поповски одблиску го запозна Министерот Тодоров за реализираните, како и планираните инвестиции и проекти во оваа ЈЗУ, но и за проектите кои се во фаза на реализација во општината и дека локалната власт и натаму ќе продолжи со инвестициите во здравството, но и во другите сектори.
-Пред се морам да се заблагодарам на Министерот Никола Тодоров за посетата и ова е еден одличен пример, како треба да се соработува на локално ниво и Министертвото за здравство, се со цел унапредување на здравствената заштита за сите граѓани кои живеат на територија на Пехчево, рече градоначалникот Поповски.