Од петок па се до 13 јули, во Малешевијата ќе ечи од трубите до доцна во ноќта. Спектакуларната манифестација, единствена во земјава која ја негува музиката од дувачките инструменти ќе ги донесе најдобрите трубачи од Македонија кои ќе се натпреваруваат за да ја освојат златната труба и да обезбедат учество на најпознатиот балкански фестивал на трубите „Гуча 2015“.
Фестивалот во Пехчево започнува на 10 јули во 19 часот, со дефиле на мажоретките од Благовград и дувачкиот оркестар од Сандански, Р.Бугарија кои настапуваат во првата вечер, а ќе продолжи наредните 3 вечери кои ќе бидат исполнети со многу музика и забава до доцна во ноќта. На сцената поставена на градскиот плоштад во Пехчево, ќе се натрпреваруваат 4 дувачки оркестри од Македонија. На 13 јули, денот Павловден, заштитникот на градот, на 30-тина штандови ќе биде изложена малешевската традиција преку Етно-саемот. Прогласувањето на победниците и натсвирувањето на финалистите е вечерта на Павловден.
Освен дувачките оркестри, на сцената свои концерти ќе имаат : Миле Кузмановски и тамбурашкиот оркестар Ѓезме, Јордан Митев, Викторија Лоба и Владко Илиевски, Дани Димитровска, Џамбо Агушев, Фолклорниот ансамбл Танец и културно- уметнички друштва од Македонија и Бугарија,како и ди-џеи од Македонија и Бугарија.
Инаку, виртуозноста на трубачите ќе ја оценува жири-комисијата составена од професори од Музичката академија, Васил Ристов, Илчо Јованов и Живојин Глишиќ. Наградите за најдобрие се златна труба и учество на Гуча, мини труба и директно учество на Гуча и тапан.
Градоначалникот на Пехчево, Игор Поповски, ги поканува сите љубители на добрата музика и забава да го посетат Пехчево истакнувајќи дека срцата на сите пехчевци чукаат во ритмот на музиката од трубите, музика која има долга традиција во Малешевијата. Според него, овој фестивал, кој станува традиционален и годинава го слави петтиот роденен, не само што ја негува традицијата и дава нова светлина на Малешевијата, туку фестивалот е одлична можност за промоција на регионот и, со вака спакуван културен настан, се нуди на туристите испишувајќи нова страница на прекрасното Пехчево и Малешевијата.
На плоштадот се закупени штандови за скара и пиво од локални угостители и угостители од другите градови од Македонија, а Општина Пехчево преку својот информативен центар веќе обезбеди сместување на 100-ина гости од сите краеви на Македонија и соседстсвото.
Пехчево, подготвено ги очекува сите добронамерници и љубители на трубата.
Датум: