ОВР Берово, преку Отсекот за превенција, во соработка со Општина Пехчево, спроведе превентивно едукативна кампања на тема „Превенција од употреба на пиротехнички средства“. Денеска, во ООУ.„Ванчо Китанов“, полициски службеници со едукативно предавање и делење на едукативни флаери ги презентираа ризиците за штетноста од нелегалната употреба на петарди и друга пиротехника.
Целта на превентивната кампања е на граѓаните, пред се на најмладите, да им се укаже за можните опасности и последици од употребата на петарди и други пиротехнички средства, посебно актуелна пред и за време на новогодишните и божиќните празници како и потенцирање на казнените законски одредби за неовластена употреба на пиротехнички средства на јавно место, што претставува општа опасност со која се загрозува сигурноста на граѓаните.
Така, Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во член 31 предвидува глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност за оној кој неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните.
Кампањата продолжи во централното градско подрачје и градскиот пазар.
Општина Пехчево апелира до сите граѓани, да се воздржат од било каква употреба на петарди и други пиротехнички средства, не само поради предвидените законски санкции, туку и поради опасностите што ги носи употребата на овие средства по безбедноста, здравјето и животот на граѓаните.