Почнаа градежните работи на проектот “Рехабилитација и доградба на канализационата мрежа во општина Берово и Пехчево”.
Инвестицискиот проект, со вкупна вредност од 3.863.186 евра, вклучува изградба на мрежа на отпадни води во должина од околу 25 километри, а предвидени се и рехабилитација и замена на идентификувани критични делници во постоечката канализација во Берово и Пехчево, како и проширување и изградба на нова канализација во зони кои во моментот не се покриени со услуги на собирање на отпадните води.
Градежните работи ќе се одвиваат на левиот и на десниот брег на реката Брегалница во Берово, на Беровското Езеро, во самата општина Берово, во населените места Владимирово и Смојмирово, како и во општина Пехчево и населеното место Чифлик.
Со реализација на проектот се очекува да се решат и проблемите со појава на поплави во периодите на дождови со јак интензитет и загадувањето на река Брегалница со отпадни води.
Средствата за реализација на проектот се обезбедени преку Инструментот за предпристапна помош компонента 3, а крајни корисници се Министерството за животна средина и просторно планирање, општина Берово и Пехчево.
Инаку,договорот за реализација на проектот беше потпишан на почетокот од декември 2015 година.