Општина Пехчево, активно се вклучи во проектот „Садница плус“ кој го спроведува организацијата “Ден на дрвото – засади ја својата иднина”, во соработка со основното училиште и градинката.
Учениците од ООУ,, Ванчо Китанов“ и детската градинка ,, 7 Септември “, вчера се приклучија на проектот „Садница плус“ во која учениците извршија посадување на семенски материјал – семе од ела. Водечка идеја на овој проект е секој ученик преку сопствено искуство да се почувствува одговорен, секој ученик да се почувствува активен, како дел од целина која заеднички функционира.
Во рамки на проектот кој има едукативна и еколошка функција, училиштето добило семе од Ела за секој ученик, како и упатство за секој наставник. Посаденото семе учениците ќе го чуваат во училниците, за да можат да го следат никнувањето и растењето на елата.
Заедно со дечињата семе засеа и градоначалникот на општина Пехчево Игор Поповски кој рече дека општината и во иднина ќе продолжи да ги почитува напорите на граѓанската иницијатива Ден на дрвото”.
-Ентузијазмот кој денес го споделивме со децата кои ги засадија семките за дрвца ме убедува дека иднината на акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина!“ е цврсто вкоренета во желбата и свеста на младите учесници. Покрај тоа што засадивме семе од ела во саксии, кај младите генерации засадуваме нова култура, традиција, желба и почит кон македонската шума. Тоа е нешто непроценливо и општината и во иднина ќе продолжи да ги почитува напорите на граѓанската иницијатива ,, Ден на дрвото”, изјави Поповски.
Акцијата „Садница плус“, воедно е дел од Акцијата „Ден на дрвото“ што се реализира на целата територија на Македонија.