По успешно спроведување на Програмата „Интеграција за еколошката едукација во македонскиот образовен систем” градинката ,,7 Септември‘‘ од Пехчево го освои сребреното ниво и го доби брендот Еко градинка.
Добивањето на сребрено знаме, потврдува дека градинката ,,7 Септември” се залага за заштита на животната средина како една од основните вредности за управување и раководење. Инаку, како резултат на добрата соработка со здружението ,,ОХО‘‘, кое е член на меѓународната организација ФЕЕ (Фондација за еколошка едукација), градинката ,,7 Септември” стана дел од меѓународната мрежа на Еко градинки, а во мрежата членуваат градинки што покажуваат посебен интерес за заштита на животната средина.
За ова високо признание за својата педагошка работа одлуката за наградување ја донесе специјална комисија, во чиј состав влегоа претставници од Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Бирото за развој на образование, Државниот просветен инспекторат, Швајцарската агенција за развој и соработка и претставник од Здружението „ОХО”.
Квалитентата воспитно-образовна работа, на воспитниот тим во градинката, предводени од директорот, психолог, воспитувачи и координаторот на програмата и нивната посветеност во реализацијата на содржини на полетo на еколошката едукација на децата во градинката „7 Септември”, резултираа со стекнување на нови знаења и вештини, кај децата од предучилишна возраст, во врска со улогата на детето во заштита и зачувување на природната средина.
Градоначалникот на општина Пехчево Игор Поповски на детската градинка ,, 7 Септември ‘‘ им го честиташе успехот и наградата сребрено ниво.
-Бројните активности, предводени од директорката и креативните воспитувачи и децата од градинката, овозможија преку игра и забава, во пријатна и релаксирана атмосфера во градинката и пошироката околина, да се постигнат видливи и трајни резултати во зачувување на убавините на природата, кои што надворешните евалуатори на програмата, умееjа да го препознаат.
Во оваа прилика, ја користиме можноста да им го честитам успехот и наградата сребрено ниво и Ви честитам што успеавте да влезете во мрежата на интернационални Еко – градинки од целиот свет, истакна градоначалникот Поповски.
Инаку, со добивањето на признанието, детската градинка ,,7 Септември” има можност да учествува во национални и меѓународни натпревари, да аплицира за различни еколошки проекти, да добива финансиска поддршка од ОХО, како и да се поврзе со другите градинки на меѓународно ниво.