2.1 C
Pehčevo

    110 години од катастрофалниот „пехчевски“ земјотрес

    Датум:

    1904_Douliu_EarthquakeДенес се навршуваат точно 110 години од катастрофалниот земјотрес што ги погодил Пехчево и Кресна, како и поширокиот регион околу нив. Во претпладневните часови на 4 април 1904 година (поточно некаде помеѓу 9 и 11 часот), наеднаш се случил извонредно силен земјотрес со епицентар помеѓу споменатите два града. Имал интензитет од десет степени по Меркалиевата скала и магнитуда од 7,5-7,8 степени по Рихтер (постојат различни мислења во однос на магнитудата), поради што се води како еден од најсилните, ако не и најсилен регистриран земјотрес на Балканот (проблемот околу точниот интензитет и магнитуда на земјотресот е што во близина немало сеизмолошка станица, па податоците се базираат врз регистрираните вредности од тогаш добро опремените станици низ Европа). Единствено земјотресот на Родос во 1926 година бил со иста или можеби нешто поголема јачина (7,8 степени по Рихтер). Воедно, пехчевскиот (пехчевско-кресненскиот) земјотрес важи за еден од најсилните во Европа откако се вршат мерења од средината на 19 век, па наваму. Овој земјотрес бил неколку пати посилен од скопскиот во 1963 година, а количеството на ослободена енергија одговара на околу 2,7 мегатони ТНТ, или енергија еднаква на преку 100 нуклеарни бомби фрлени врз Хирошима. SeizmikaБез оглед на извонредниот интензитет, нема речиси никакви прецизни записи за земјотресот и штетите што ги предизвикал истиот, освен одредени кажувања кои не може да се земат со целосна сигурност. Така, според кажувањата на Димитар Веселински роден во 1924 година, кој ги евидентирал сеќавањата на татка си, чичковците и на тетките кои биле сведоци на земјотресот, за време на појавата се тресела земјата, се слушнал застрашувачки татнеж. За среќа, времето било убаво, па сите луѓе биле во дворовите, по авлиите, на нивите или на пазар. Ретко кој имало во куќите. Среќа во несреќата е и што најмногу куќи биле изградени од дрво и плет, па само се накривиле и им паднале ќерамидите и оџаците. Kуќите градени од тула се урнале. Токму тие среќни околности придонеле бројот на загинати во толку силен земјотрес да биде минимален. Од ова маало загинала само една жена, која плетела потпрена на ѕид на православната црква. Од потресот паднале баш тој ѕид и камбанаријата и ја затрупале. Се раскажува дека во близина имало и некој извор на геотермална вода, кој, поради тектонското нарушување, исчезнал. Повеќе од еден месец пехчевци живееле и ноќевале во дворовите и авлиите под отворено небо. Во куќите не влегувал никој зашто, по големиот од 4 април, имало многу помали потреси. Турската власт немала организиран начин на помош, па обновата била врз основа на роднинско-пријателска солидарност. yemljotres2Луѓето се снаоѓале како знаат и умеат. Накривените куќи од дрво – повеќето приземни, но имало и со приземје и кат или два, со архитектура слична како тие во Охрид или Kрушево, се исправале на специфичен начин – со јажиња, греди, лостови и сл. Пехчево тогаш било урбана средина со 4.100 жители, илјада повеќе отколку сега, бил најголем град во Малеш и во Пијанец и седиште на управата за тој крај. Имал оформена чаршија со многу трговски и занаетчиски дуќани, девет анови, конак, аптека, амам, саат-кула, касарна, џамија, црква. Доаѓале трговци и од Цариград и од Солун поради што Турците го викале и мал Стамбол. Градот имал 1.200 куќи, од кои речиси три четвртини биле муслимански, а другите христијански. Но, повеќето муслимани биле исламизирани христијани, кои зборувале македонски на малешевски дијалект, а другите Турци. По земјотресот, некои од нив, главно трговци и занаетчии, почнале да се иселуваат. Всушност, по големиот подем, стагнацијата на Пехчево почнува од земјотресот, а продолжува и по Младотурската револуција од 1908 и по балканските војни по кои се иселува турското население и трае до крајот на Втората светска војна – вели Веселински. Земјотресот силно бил почувствуван и во околните градови, како Берово, Царево Село (Делчево), Симитли, а паднати објекти имало и во Виничко, Kочанско… Со слични последици како Пехчево поминале и пехчевските села
    .Pehchevo,_Republic_of_Macedonia

    Меѓу многуте нови куќи и згради во Пехчево и денес може да се видат објекти, главно од дрво и плет, останати од времето пред земјотресот. Некои се малку санирани и служат како помошни простории, неколку двокатни куќи се реконструирани и претворени во убави живеалишта, а неколку стари куќи се речиси целосно руинирани бидејќи нивните сопственици одамна се иселиле. Сите потсетуваат на едно старо време и на големиот земјотрес. Пехчевци велат, не дај боже да се повтори ни во Македонија ни каде било.

    Д-р Тодор Делипетров, раководител на катедрата за геологија и геофизика на Факултетот за природни и технички науки во Штип, кој претходно има магистрирано и инженерска сеизмологија, вели дека земјотресот од 1904 година со епицентар кај Пехчево и Kресна го стресол целиот Балкан, а го регистрирале инструментите во целиот свет. Според Делипетров, ако сега се случи таков земјотрес и покрај целата асеизмичка градба, би имало многу разурнувања и жртви. Пехчево и околните места тогаш многу не настрадале зашто тоа најпогодено подрачје било ретко населено, се живеело во дрвени градби со плет, кои се најотпорни, се деформираат, а не паѓаат. Градбите од камен и тули биле ретки, немало повеќекатници, а ни бетонски плочи.Мелови

    Земјотресот во 1904 година, освен човечки жртви, материјална штета, предизвикал и бројни други појави: активирал голем број свлечишта, ги променил подземните текови, се појавиле нови извори, а некои исчезнале, се јавиле пукнатини, потоа мелови, разни падински релјефни процеси и форми и слично.

    Инаку, подрачјето помеѓу Пехчево од македонската и Кресна, Крупник, Симитли од бугарската страна, има многу силен сеизмичен потенцијал. Бројните активни раседи кои се вкрстуваат на овој дел од Влаина и Малешевските планини, односно помеѓу Беровската, Пијанечката и Симитлиската котлина, предизвикуваат ретки, но понекогаш изразито силни земјотреси. Всушност овде се јавува судир на 2 крупни геотектонски единици: Српско-македонскиот масив и Струмската зона, како и повеќе нивни странични блокови.

     

    Сподели на:

    Најчитано

    Поврзани
    Поврзани

    Донација на вода за пиење од Општина Пехчево во Општина Берово

        Дел од донацијата на вода, која беше донирана...

    Кампања „Општина на дланка“

    Општина Пехчево се приклучува на кампањата „Општина на дланка“. Со...

    Дневен ред за 31-ва седница

    Врз основа на член 48 точка 1 од Законот...