Успешно заврши Американско-македонскиот клуб за културна размена – повеќе од 120 ученици беа дел од уникатно образовно искуство
По седум месеци исполнети со учење, дружење и меѓукултурна размена, успешно заврши со реализација Американско-македонскиот клуб за културна размена, иницијатива на Општина Пехчево која остави значаен белег во образовниот и културниот развој на младите во општината.
Проектот, кој беше целосно финансиран од Општина Пехчево, се реализираше во соработка со ООУ „Ванчо Китанов“ – Пехчево и со поддршка на бројни партнери и волонтери. Неговата основна цел беше да го поттикне изучувањето на англискиот јазик, да ги развие комуникациските вештини на учениците и да ја продлабочи културната размена преку современи образовни методи.
Во текот на седуммесечната програма, повеќе од 120 ученици од прво до деветто одделение активно учествуваа во разновидни воннаставни активности. Наставната програма беше прилагодена на возраста и интересите на учениците и опфати развој на говорните вештини по англиски јазик, интерактивно учење преку игри инспирирани од американскиот образовен пристап, креативни работилници, тимски активности и заеднички проекти со ученици од Соединетите Американски Држави. На овој начин, учениците не само што го унапредија своето познавање на англискиот јазик, туку стекнаа и нови пријателства, искуства и пошироки културни перспективи.
Свеченото заокружување на проектот се одржа на 4 и 5 мај, кога околу 80 ученици добија сертификати како признание за нивната посветеност, активност и континуирано учество во програмата. Настаните беа исполнети со позитивна атмосфера и претставуваа можност да се одбележат постигнатите резултати и успешната соработка меѓу учениците, наставниците, волонтерите и партнерските организации.
Во рамки на завршните активности беше одржан и евалуациски состанок на проектниот тим, на кој беа анализирани постигнатите резултати, разгледани предизвиците и дефинирани насоки за понатамошен развој на ваквите образовни иницијативи.
Од Општина Пехчево истакнуваат дека Американско-македонскиот клуб за културна размена претставува успешен пример за инвестирање во младите, нивното образование и личен развој. Ваквите проекти придонесуваат за унапредување на јазичните компетенции, поттикнување на меѓукултурниот дијалог и создавање нови можности за учениците да се поврзат со своите врсници од други земји.
Општина Пехчево и во иднина ќе продолжи да вложува во програми кои ги прошируваат образовните можности на младите, поттикнуваат иновативно учење и придонесуваат за изградба на отворена, современа и образована локална заедница.

