Служби од ЈКП. „Комуналец“ – Пехчево, денес на плоштадот Св.Петар и Павле во Пехчево започнаа со поставување на новогодишни реквизити и украсување на градот во пресрет на новогодишните и божиќните празници. Најразновидни светилки, светлосни фигури, дедомразовци, снешковци и многу други украси годинава се очекува да го разубават периодот околу новогодишните и божиќните празнувања во центарот на Пехчево.
Имено, како што најавија претходно од локалната власт, одлучено е за новогодишно украсување да се користат старите реквизити и материјали со кои располага Општината. Тоа значи дека од Општинскиот буџет за новогодишно украсување нема да бидат користени дополнителни средства.
Според градоначалникот на Општина Пехчево, Александар Китански, поради енергетската криза и воопшто потребата од заштеда на средства, одлучено е градот, односно неговото централно градско подрачје да бидат украсени со новогодишните украси, со кои располага Oпштината.
-Оваа година, Локалната самоуправа предвиде симболично украсување на општината, имајќи ја предвид ситуацијата со корона вирусот, енергетската криза и тешката финансиска состојба. Средствата кои требаше да бидат потрошени за новогодишно украсување, ќе бидат наменети и искористени за други цели, односно за реалните потреби на нашите сограѓани или таму каде што е најпотребно, истакна градоначалникот Китански.
Тој додава дека украсувањето на градот ќе придонесе за посреќни моменти на најмладите, но и на повозрасните, со што на тој начин нема да им го ускратиме задоволството на граѓаните да го почувствуваат новогодишниот амбиент, рече Китански.
Со тоа уште еднаш новоизбраниот градоначалник докажува дека Локалната самоуправа продолжува со рационализација на буџетските средства и нивно насочување кон реалните потреби на граѓаните.
Активностите за украсување се очекува да завршат до четврток.