Во насока на добар соживот, мирољубие и човекољубие, градоначалникот Драган Тренчовски, синоќа, за припадниците на муслиманската вероисповест приреди Ифтар во село Црник. Повеќе од 200 граѓани муслимани и нивни пријатели христијани споделија заедничка вечера.
Граѓани на општина Пехчево од различни националности синоќа беа дел од Ифтарот или вечерата која се практикува за време на рамазанските пости . По залезот на сонцето и ударите на тапанот кој го означија почетокот на Ифтарот, турци, роми и македонци седнаа на заедничката вечера. Покрај големиот број на граѓани и претставниците на исламската верска заедница од Пехчево беше присутен и претседателот на Советот на општина Пехчево, Николчо Јовчев и претставници од Локалната самоуправа.
Јовчев пред присутните кажа дека е горд што прв пат Локалната самоуправа организира заеднички Ифтар и што во иднина ќе прерасне во традиција.
– Во духот на големиот муслимански празник Рамазан Бајрам, чувството е вдахновено, да бидете тука помеѓу своите сограѓани и гостите, кој што во масовен број дојдоа денес да ја одбележиме оваа заедничка Ифтарска вечера во село Црник. Во духот на заедништвото, во духот на солидарноста, во духот на толеранцијата, мирот и спокојот меѓу луѓето, што всушност претставува и симболиката на организација на оваа вечера и еден вид на испраќање на порака до верниците од муслиманска вероисповест, меѓутоа и до сите граѓани на општина Пехчево, истакна Јовчев.
Инаку, Ифтар е прекинување на рамазанскиот пост после зајдисонцето кај лицата од муслиманска вероисповед ,односно претставува вечера за време на Рамазанскиот пост.