Во организација на општина Пехчево, а во соработка со детската градинка „7 Септември’’ и ООУ „Ванчо Китанов“ денеска во Пехчево со најразлични активности се одржа традиционалната Априлијада. За забавата на принцезите, вештерките, штрумфовите, супермените и бетмените се погрижија познати кловнови, информира Живко Каликов, лице за односи со јавност од општина Пехчево.
– Дечињата се маскирани во нивните омилени маски и денеска уживаа во убавите моменти и изненадувањата кои ги очекуваа, за да го доживеат овој ден онака како што тие тоа го заслужуваат. Плоштадот беше претесен да ги собере сите заедно, дечињата, нивните баби, дедовци, мајки, татковци. Оваа убавина од бои и креативност на наставниците и родителите да ги маскираат своите деца во омилените јунаци, денес беше привилегија да се види, но и да им се оддаде признание, рече Каликов.
На плоштадот во Пехчево се пееше, се свиреше, а најмногу од сѐ се слушаше детската смеа. Најмладите од Пехчево покажаа дека детската фантазија не познава граници. Заедно со дечињата и присутните на плоштадот во Пехчево беше и градоначалникот Драган Тренчовски кој рече дека овој настан се организира со цел да ја поттикне фантазијата на децата.
– Сакам да ги поздравам најмладите и најмалите кои што се собрани овде со нас да нѐ насмеат и развеселат. Мотивот на маската е поттик ученикот да размислува на убавите работи кои го опкружуваат. Гледам многу маскирани дечиња и така и треба, зашто на 1 април, треба да проработи креативноста и сите ние да се препуштиме на музиката, забавата и смеата. На вработените во детската градинка „7 Септември“ и ООУ„Ванчо Китанов“ им посакувам многу успех и заедно да организираме уште многу вакви настани, истакна градоначалникот Тренчовки.
Традиционално, секоја година денот на шегата 1 Април, општина Пехчево го обележува заедно со најмладите граѓани.