На 1 октомври, во сабота, Пехчево ќе биде домаќин на 57 Државен натпревар на најдобрите трактористи во Македонија, во организација на Сојузот за техничка култура во стопанството на Р. Македонија и Народна техника на Р. Македонија.
Како што информираше денеска Живко Каликов, соработник за односи со јавноста од Општина Пехчево, најдобрите земјоделци-трактористи од Македонија на 1 октомври ќе се натпреваруваат во своите вештини на парцела во близина на археолошкиот локалитет Св. Петка .
-Почнуваме во 9:30 часот на плоштадот во Пехчево со ревијален дел на учесниците и отварање на настанот, а натпреварот ќе се одржи на парцела во близина на археолошкиот локалитет Св. Петка. На овој 57 Државен натпревар на земјоделци ќе бидат собрани земјоделци – трактористи од 6 регионални натпревари кои на овој натпревар ќе можат да ги покажат своите знаења и вештини од областа на земјоделската механизација и обработка на почвата. Најдобрите од овој натпревар ќе продолжат да тренираат преку цела година и потоа ќе бидат избрани двајца земјоделци кои ќе ја претставуваат Македонија на светскиот натпревар на земјоделци – трактористи во 2017 година, рече Каликов.
Ги повикаме сите заинтересирани земјоделци и други граѓани од целиот регион да присуствуваат на овој несекојдневен настан во Пехчево и да бидат сведоци на умешноста и вештините на најдобрите трактористи од Македонија.