До крајот на месецов ќе завршат градежните работи за реконструкција на старата училишна зграда во пехчевското село Негрево која треба да прерасне во едукативен центар за зачувување на природата во Брегалничкиот регион.
Како што информираше Елица Јовевска од општина Пехчево, по надворешната реконструкција на зградата ќе се започне со внатрешно уредување и уредување на дворната површина со едукативни содржини, а основната цел на едукативниот центар е да придонесе кон зачувување на природата во Брегалничкиот регион, преку едукација и подигање на јавната свест, како и промоција на одржливото користење на природните ресурси.
Посочи дека едукативниот центар е позициониран во старата училишна зграда во село Негрево – Пехчево, во која во моментот се изведуваат градежните работи согласно со основниот проект.
Изборот на локацијата, нагласи таа, е направен врз основа на анализи, а се со цел да овозможи непосреден пристап на посетителите до природата и до област со специфични природни вредности.
– Во првата фаза која е во тек, објектот ќе биде во целост реконструиран и функционално прилагоден на потребите на центарот, со уредување на дел од дворното место околу објектот, со финансиска подршка од околу 150.000 швајцарски франци. Во втората фаза од проектот која треба да почне со реализација во текот на наредниот месец, со која ќе биде доуреден просторот околу едукативниот центар и истиот внатрешно ќе биде уреден и дизејниран за негово функционирање, од страна на донаторот, се одвоени повеќе од 50.000 швајцарски франци, рече Јовевска.
Според неа, едукацијата е една од најважните алатки во процесот на подигање на јавната свест за зачувување на природата која, исто така, се препознава и од страна на институциите и граѓаните кои живеат во Брегалничкиот регион.
Потенцира дека со отворање на едукативниот центар, младите од регионот и пошироко ќе имаат можност директно и практично да се запознаат со биодиверзитетот и природните богатства што ги има во Брегалничкиот регион и преку современ и иновативен пристап да научат повеќе за својата околина.
– За таа цел едукативниот центар за зачувување на природата ќе воспостави соработка со регионалните основни и средни училишта за користење на истиот како ресурс за еднодневна наставна екскурзија, како и со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип за користење на центарот за конференции, предавања и научни собири што се однесуваат на природата, нејзиното зачувување и подобрување на односот на човекот кон природата, рече Јовевска.