Со подготвителните работи за проектирање на трасата и пробивање на пристапен пат започнаа да течат активностите, а оваа недела и официјално ќе започне изградбата на пречистителната станица за комунални отпадни води во село Црник – Пехчево.
Со изградбата на пречистителната станица за комунални отпадни води во село Црник ќе се заштити загадувањето на Црничка река, но и подземните води и почвата во поширокиот регион.
-Со овој проект покажуваме дека остануваме посветени на реализација на проектите кои ги ветивме на граѓаните, а тоа е изградба на пречистителна станица за комунални отпадни води во с.Црник, со што ќе се прочистуваат водите и ќе имаат правилен третман на отпадните води со цел да се подобри квалитетот на животот на жителите во ова село. Проектот за изградба на пречистителна станица е од животно значење за ова село, со него сакаме да ја заштитиме и Црничка река и околината околу неа. Овој проект треба да биде одржлив и граѓаните да бидат задоволни со него, рече градоначалникот на општина Пехчево, Игор Поповски.
За изградба на овој проект беше потпишан договор согласно Програмата за инвестирање во животната средина и конкурс за распределба на средства за финансирање и реализирање на програми, проекти и други активности од областа животна средина за 2015 година.
Договорот за градба преку предходно спроведена јавна набавка го доби фирмата Мартин Инженеринг ДООЛ – Скопје, а вредноста на проектот изнесува 1 764 307 денари, додека средствата се обезбедени преку Министерството за животна средина и просторно планирање и Општина Пехчево.