Градоначалникот на општина Пехчево, Игор Поповски, по повод одбележувањето на државниот празник 23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба упати честитка до граѓаните на Република Македонија.
-Денес со особен пиетет и голема радост го прославуваме Денот на македонската револуционерна борба, одбележувајќи ја 121-годишнината од формирањето на македонската револуционерна организација со која започна организираната борба на македонскиот народ за слобода и создавање на своја независна држава. Создавањето на револуционерната организација беше инспирирано од слободарските идеали на целокупниот народ и во неа се вградија луѓе од различни социјални слоеви, со различна верска и етничка припадност и со различни политички идеологии.
Македонската револуционерна борба донесе многу жртви, непоколебливост и хероизам кој ни е оставен во завет, нам, на сегашните македонски граѓани, како и на идните генерации. Денес кога ги уживаме плодовите на револуционерната борба во слободна и независна Република Македонија имаме заедничка цел да продолжиме по патот на развојот и напредокот, создавајќи модерна и просперитетна држава.
Сплотени продолжуваме напред! Нека е честит празникот, Денот на македонската револуционерна борба.