Поплавите се природна непогода која често се јавува во подрачјата на oпштината Пехчево. Причините за тоа се во тесна врска со оголеноста (обесшуменоста) на одредени делови од просторот, забрзано површинско истекување на врнежите, поставување на различни несоодветни антропогени градби покрај речните брегови, интервенции во речните корита и бројни други фактори. На подрачјето на општината Пехчево, според досегашните сознанија, поплавите во минатото понекогаш предизвикувале големи штети, па и човечки жртви. Тоа особено било присутно до 70-тите години на минатиот век, пред да се преземат мерки за уредување на сливовите. Такви се примерите на Пехчевска Река, Црничка (Виничка) Река, Панчаревска Река. Така, со поплавите на Црничка Река во 1950-тите и 1960-тите години на минатиот век, биле уништени голем број на куќи и помошни објекти, а биле забележани и неколку човечки жртви. Релативно големи поплави беа присутни и неодамна, во 2010 и во 2013 година, особено со излевање на реката Желевица. Всушност, Желевица и речиси сите нејзини притоки, потоа Умленска Река и др. имаат пороен карактер. Во сушен период тие се речиси без вода, но при силни врнежи стануваат огромни водотеци кои можат да однесат се пред себе. Денес нема последици од толкав размер, но речеси секоја година доаѓа до оштетување на некои индивидуални објекти, однесување на бреговите, натрупување на нанос и слично. Затоа, во проектот е извршено моделирање на подрачја со ризик од поплави. Во постапката, првин е одредена потенцијалната плавна рамнина, а потоа процентот на вода од врнежите што се слева директно до речните текови (големина на површинското истекување). Потенцијално плавните подрачја на просторот од општината Пехчево се добиени врз основа на емпириско моделирање во ГИС средина со користење на неколку параметри.
[gap height=”10″]
[gap height=”10″]
Бидејќи врнежите се клучен фактор за појавата на поплави особено во однос на нивното траење и интензитет, ризикот од поплави е е моделиран врз основа на 3 сценарија и тоа, при дневни врнежи од: 30 mm, 60 mm и 90 mm. Според било кое од трите модели и сценарија, најзагрозени површини од поплави се во низводниот дел од долината на Желевица, потоа Панчаревска Река низводно од с. Панчарево, Црничка (Виничка) Река кај селото Црник, како и низводните делови на Пехчевска и Умленска Река. За време на поплави, протекот кај овие реки може да биде значително поголем од нормалниот. Може да се констатира дека теренот во општината Пехчево е таков што не одговара за поплави од голем размер при кои би биле зафатени пространи површини. Тие се локализирани на тесна зона околу речните корита на Пехчевска, Негревска, Умленска, Виничка и Панчаревска Река. Сепак, во таа зона се и деловите од речиси сите населби. Со идните климатски промени, се очекува поплавните појави да зачестат, за што би требало да се води сметка при планирање, уредување и користење на просторот.
[gap height=”10″]
[gap height=”10″]
[gap height=”10″]
[gap height=”10″]