Претераната или екцесивна ерозија која се јавува за вереме на поројни врнежи или нагло топење на снегот, претставува една од најтешките природни непогоди во општината Пехчево. Главни фактори за тоа се доминацијата на релативно неотпорни карпи, големите наклони на теренот, застапеноста на западни, југозападни и јужни (присојни) експозиции, антропогеното уништување на шумите и други несоодветни влијанија на човекот во средината (изградба на објекти, патишта, обработка на земјиште и сл.). Последица од претераната ерозија е нагло влошување на почвената структура, губење на почвите и хранливите материи во нив, појава на поплави и суши и создавање на соодветни (деструктивни) релјефни форми. Во однос на последното, на подрачјето на општина Пехчево се формирани бројни долчиња, долови, мелови, земјени пирамиди и други форми. Во долината на Виничка (Црничка) Река со претераната ерозија настанале десетина мелови со огромни димензии, а за сметка на нив, уништено е квалитетно земјиште и изгубен е корисен простор. Покрај тоа во сливот на Желевица и нејзините притоки, потоа во сливот на Умленска Река и Пехчевска Река се создадени многубројни длабоки долови кои сеуште се активни и од кои се изнесува значително количество на почвен и седиментен материјал.
Сценарија за подрачја под висок ризик од ерозија, при различни дневни количества на врнежи
За да се согледа влијанието на врнежите врз ризикот од ерозија, изготвени се три сценарија и тоа за појави на дневни врнежи од 30 mm, 60 mm и 90 mm. Прикажа-ните површини се со специфична продукција на нанос поголема од 400 m3/km2 (0,4 mm почвен слој) што се смета за гранична вредност на средногодишна нормална ерозија. Резултатите се претставени на моделите подолу. Секако, најголем ризик и најпогодени подрачја се при високи количества на дневни врнежи или таканаречени долготрајни поројни врнежи.
Површини во општина Пехчево зафатени со претерана ерозија при различни дневни количества на врнежи.
Дневни врнежи |
Површина |
|
km2 |
% |
|
30 mm |
4.0 |
1.9 |
60 mm |
34.0 |
16.3 |
90 mm |
66.4 |
31.8 |
Вкупно |
208.5 |
100.0 |