Велигденските празнувања носат голема радост за најмладите. Денес на велики четврток децата од детската градинка ,, 7 Септември ’’ со бојадисување и шарање на јајца, со изработка на прекрасни велигденски украси, со многу песни и радост го одбележаа денешниот ден.
Работилницата заеднички ја реализираа дечињата, со воспитувачкиот кадар.
Најмладите во оваа установа, денес на нивната работилница и прослава ги посети Градоначалникот на Општина Пехчево Игор Поповски и им ги честиташе празниците на намалите и на вработените во оваа установа.
-Најмладите, нашата иднина, дечињата од градинката, денес сум меѓу оние кои најмногу ги сакаме и им се радуваме. Градинките се столбот на нашата грижа за едукација на децата и за нивна подготовка во повисоките степени на образование. Оттука и ние како локална самоуправа стоиме цврсто на ставот за максимална поддршка, за се што им е потребно за поуспешна работа.
Сакам да напоменам дека голем и важен сегмент од образованието на нашите деца е и верската наобразба, запознавањето со нашата религија, со нашата вера и со нашите традиции. Ова е еден од најважните христијански празници и јас сум пријатно изненаден со колкава љубов децата ги изработуваа своите Велигденски мотиви, а пред се Велигденските јајца. Ви се заблагодарувам што ме поканивте да бидам дел од оваа работилница и Ви посакувам среќни Велигденски празници рече градоначалникот Поповски.
Децата му се заблагодарија на градоначалникот за посетата и први му го честитаа големиот христијански празник Велигден, со желба за многу здравје, среќа и успех во работата.