Градоначалникот на општина Пехчево, Драган Тренчовски, заедно со директорката на ООУ.„Ванчо Китанов“ Добрилка Јовевска, денес го посетија подрачното училиште во село Црник каде привршуваат активностите за реконструкција на внатрешноста на училиштето.
Од буџетот на општинското основно училиште Ванчо Китанов и општина Пехчево се средува вантрешноста на школото, поточно се врши реконструкција и санација на ѕидовите и плафоните на пет училници, реконструкција на ходникот во училиштето, поставување на ламинат на ѕидовите, нова пинг понг табла за учениците, поставување на нови табли и набавени се училишни реквизити за потребите на учениците во наставата.
Градоначалникот Тренчовски вели дека со години немало рекоснтруктивни зафати во школото, за средување на внатрешниот простор што ќе придонесе за следење на наставата во многу подобри услови во ова училиште.
– Денес сме тука, да извршиме увид во активностите кои веќе привршуваат за реновирање на подрачното основно училиште во село Црник. Со оваа реконструкција се реновирани училниците, а привршува и санацијата на ѕидовите, плафоните и ходникот во училиштето, изјави Тренчовски.
Приоритет на општината и на директорката Јовевска останува инвестирањето во образованието.
-Ние ќе продолжиме и понатаму да инвестираме не само во ова училиште туку и во сите останати училишта во општината, за подобрување на условите за настава на учениците и на наставниот кадар, додава Тренчовски.
Директорката Добрилка Јовевска истакнува дека со изведувањето на овие градежни активности, чие финансирање е обезбедено од буџетот на училиштето во соработка со локалната самоуправа, во вредност од 717 459 денари, дојде до подобрување на техничко-просторните услови во кои настава следат шеесетина ученици од селото, напоменувајќи дека до крајот на идната недела се очекува комплетно да биде завршена реконструкција на училиштето.
Инаку, дворот на училиштето наскоро ќе биде уредено хортикултурно со поставување на клупи, канделабри и други пропратни содржини со средства обезбедени од подршка на имплементација на декадата и Стратегијата на Ромите, преку Акциониот план за ромите во општина Пехчево.