Велосипедска тура Пехчево – с.Негрево-Пехчево, Вело – трки, боење со креди, меморија и други друштвени игри, денес беа на агендата на денешниот „ВЕЛО – РОДЕО“ настан, кој се одржа во Едукативниот центар за зачувување на природата во село Негрево – општина Пехчево, во организација на здружението „Еко – логик“, а со поддршка од Општина Пехчево.
Младите, учениците од 4то до 9то одделение од основнoто училиште Ванчо Китанов, можеа да уживаат во активностите на отворено, кои беа спроведени по протоколот за организација на јавни настани.
Живко Каликов од општина Пехчево истакнува дека младите во најголем број дојдоа со својот велосипед, при што имаа можност да возат на отворено од Пехчево до с.Негрево и назад во должина од нешто повеќе од 4км, да го поминат полигонот за возење, на којшто беа поставени различни препреки и симулации на mountain biking (планински велосипедизам), но и да се забавуваат преку едукативни игри. Исто така, тие учеа за сигнализацијата во велосипедскиот сообраќај, како да се однесуваат кога менуваат насока, да даваат предност, со цел да има поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот, рече Каликов.
На денешниот Вело – настан присуствуваше и градоначалникот на Општина Пехчево, Драган Тренчовски.
Низ разговор со присутните, тој посочи дека на овој начин младите ги враќаме во населбите, го развиваме нивниот спортски дух, а патем, за момент ги забораваат мобилните и е-уредите и се физички активни.
Локалната самоуправа според Тренчовски, ќе продолжи да поддржува настани кои имаат за цел да го заживеат маалскиот соживот во Пехчево.