Во општина Пехчево започнаа градежните активности за изградба на две улици. Улицата „Бел Камен“ и ул. „7 Септември “ во Пехчево ќе бидат поплочени со бекатон плочки. Фирмата изведувач на градежните активности е „СД Транс“ од Делчево, и моментално работат на подготвување на теренот. Започнато е со порамнување и тампонирање на улиците кои во проектот е предвидено да бидат со широчина од 3 метри и должина од околу 200 метри.
Градоначалникот на општина Пехчево Драган Тренчовски лично е на терен да види како се движи динамиката на работата на истите улици.
-Како дел од Програмата за изградба и одржување на локалните улици и патишта во општинаПехчево, започнавме со активности за изградба на две улици во Пехчево, наредната недела започнуваме и со изградба на улица во село Црник, а исто така со средства обезбедени преку Министерството за финансии во рамки на Вториот проект за подобрување на општинските услуги финансирани со заем од Меѓународната банка за обнова и развој (Светска банка) – Втор МСИП, паралелно работиме и по останатите населени места и тоа изградба на две улици во с.Умлена и две улици во с. Робово, а ја изградивме и трпезаријата при детската градинка 7 Септември, истакна Тренчовски.
Тренчовски кажа дека ќе се имплементираат и дополнителни проекти кои овозможуваат подобрување на безбедноста, на мобилноста и превозот на пример: градежни работи за изгрaдба на потпорни ѕидови, мали свлечишта, пропусти за прифаќање на поројни води и други објекти по должината на патната мрежа со кои ќе се санираат небезбедни и ризични места.
Со изградбата на новите улица Општина Пехчево продолжува со предвидената динамика да ја подобрува состојбата на постојните улици, како и изградба на нови улици на нејзина територија.
Средставата за изградба на овие две улици се обезбедени од Буџетот на Општина Пехчево, а вкупната вредност за реализација на овој проект изнесува околу 1.200.000,оо денари.