Во просториите на Општинската библиотека „Кочо Рацин“ – Пехчево, беа промовирани поетската книга „Мисловна вртелешка“ и романот „Лавица на жица“ од Светлана Босилкова Далевска.
Директорката на библиотеката Габриела Костадинова истакнува дека збирката поезија „Мисловна вртелешка“ е втора книга на Далевска во која има застапено 45 песни, првото дело беше романот ,,Лавица на жица,, издадено минатата година.
-Самиот наслов на книгата „Мисловна вртелешка“ упатува на рефлексивна поезија, но и на еден стар вид поезија ,,будници,, нешто што денес ни е неопходно во ова време на живеење. Поезијата во оваа книга произлегува од сите пет сетила и во неа сите тие се вклопени. Зад ,,Мисловна вртелешка,, стои автор со големо животно искуство кое е стекнато по аптеките на животот. Не за џабе оваа книга го носи насловот ,,вртелешка“, бидејќи се во животот врти во извесен круг, независно од каде сме почнале и што сме направиле, се навраќаме на темите од детството. Додека романот „Лавица на жица“ кој слободно можам да кажам дека е роман за љубовта, страдањата, надежта, истакна Костадинова.
Извадоци од делата на авторката читаше професорката Светлана Ќулумова, додека со музичка точка се претставија проф.м-р Драган Колевски следен на гитара од Андреј Каракашов.
Свој збор имаше и авторката Далевска која истакна дека се решила за поезија, оти тоа е специфична форма, за која подготовки и планови нема. Се раѓа од момент, од мисла, од миг, се лови од секвенци од животот. Мојот почеток со поезијата беше настан кој силно ме потресе, моите сетила да седнам и да напишам.
Инаку, авторката Светлана Босилкова Далевска, живее во Регенсбург Германија, а дел од својот живот го минува во родниот Велес. Организатор на промоцијата беше Градската библиотека ,,Кочо Рацин,, а со промоцијата се одбележа претстојниот празник 8 март, Меѓународниот ден на жената.