Со низа пригодни свечености Пехчево денеска ја одбележа 75-годишнината од ослободувањето на градот и 23 години од создавањето на Општина Пехчево како посебна административна целина.
Одбележувањето на овој историски датуми од поновата историја на оваа малешевска општина започна со положување свежо цвеќе пред споменикот на борецот од НОБ од Пехчево, Ванчо Китанов, при што пред споменикот се поклонија делегација од Општина Пехчево, претставници на институции, политички партии, здруженија на граѓани.
На свечената Седница на Советот, пред присутните се обрати претседателот на Советот Николчо Јовчев, кој меѓу другото се задржа на историските прилики кои водеа до ослободувањето, но зборуваше за развојот на Пехчево од ослободувањето, па сѐ до денес, а сцената ја разубавија и децата од детската градинка „7 Септември“ со изведба на песни и ора.
Во рамките на Седницата беа потенцирани реализираните проекти за период од неполни две година. При што беше истакнато дека Општина Пехчево во овој период има реализирано проекти со поддршка на Владата, донатори, преку ИПА програмата и со средства од буџетот на Општината. Драган Тренчовски, градоначалник на Општина Пехчево истакна дека со реализација на проектите се опфатени сите селски населби, како и градот Пехчево. Тој додаде дека дел од проектите во Пехчево, освен подобрување на инфраструктура, треба да донесат и нови инвестиции во стопанството.
На свечената Седница беше откриено и паното како дел од Проектот за успешни жени во минатото и сегашноста по дејности и професии од општина Пехчево.
На свечената Седница на Советот беа доделени благодарници и признанија на граѓани институции кои дале посебен придонес за развојот на Општина Пехчево и тоа: *Горан Јордев – најуспешен млад бизнисмен за 2019 година во општина Пехчево, *Кирил Гогов – најуспешен спортски и туристички работник и голем поддржуач на општина Пехчево, *Димитар Сасански – Истакнат музички работник во општина Пехчево, *Јовевски Митко – Истакнат планинар, промотор на планинарството во општина Пехчево, *Коле Колев – Медицински работник во општина Пехчево, *Хотел „Гогов“ – Туристички бренд и промотор на туризмот во општина Пехчево, *Андреј Симевски – Спортист на годината во општина Пехчево, *Пехчево на Точак – Настан на годината во општина Пехчево, *Јован Станоевски – (постхумно) Иноватор во областа на дрвнопреработувачката индустрија, *Иван Георгиев (постхумно) Заслужен за развојот на здравството во општина Пехчево, *Димитар Веселински – промотор, заслужен за историјатот на Пехчево, *Олгица Митровска – Ученик на генерација, при ООУ„Ванчо Китанов“ – Пехчево, за учебната 2018/2019 година, *Габриела Костадинова – Поетеса и истакната работник во областа на литературата и културата, *ОЈУДГ. „7 Септември“ – Пехчево – успешна соработка со општина Пехчево, *ООУ. „Ванчо Китанов“ – Пехчево – успешна соработка со општина Пехчево, *ПШС. „Равна Рака“ – Пехчево – долгогодишната соработка со општина Пехчево и развојот на шумарството и институционалното решавање на предизвиците кои ги диктира грижата за шумите и шумарството во општината.
По повод роденденот на детската градинка 7 Септември беше организиран коктел за сите присутни.