Во тек се последните подготовки за прославата на големиот верски празник Богојавление. Општина Пехчево во соработка со свештениците од црквата ,, Св. Петар и Павле ‘‘ и ЈКП Комуналец и оваа година ќе организираат празнување на големиот христијански празник Богојавление Водици.
Централната свеченост во прославувањето на големиот верски празник Богојавление – Водици ќе почне рано изутрината на 19.01.2018г. петок, со свечена богослужба во црквата Св.„Петар и Павле“ во Пехчево. Потоа, големата црковно-народна манифестација се префрла на градскиот плоштад во Пехчево, во чии рамки во 10 часот ќе бидат осветени водите на реката Писа и фрлен крстот.
Задолжително за сите учесници кои ќе скокаат во водата по светиот крст треба да извршат медицински преглед кај својот матичен лекар. Со издадената потврда од матичениот лекар задолжително треба да се пријават кај отец Горан Димитковски тел:078/394-520.
За многубројните посетители на оваа манифестација, која од година во година станува се помасовна, локалната самоуправа обезбедува бесплатни топли пијалоци (ракија и вино) за сите присутни.
Оној кој ќе биде најсреќен и ќе го фати богојавленскиот крст во реката Писа, од локалната самоуправа и градоначалникот ќе добие LCD телевизор, а награда следува и од црквата Св.„Петар и Павле“.
Водици или Богојавление е денот на кој според христијанското предание Јован Крстител го крстел Исус Христос во реката Јордан. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата, а кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина.