Општина Пехчево по четврти пат се вклучува во кампањата за одбележување на Европска недела на мобилност- Паметна мобилност, Силна економија, која се одбележува од 16-ти до 22 септември во целиот свет. По тој повод Ве покануваме да се вклучите и Вие заедно да го одбележиме ,,22 Септември – Денот без автомобили,,.
Овој Меѓународен ден без автомобили општина Пехчево ќе го одбележи со организирање на велосипедско дефиле, кое ќе се одржи на булеварот „Равен“ во период од 13:30 до 14:00 часот.
Од страна на општина Пехчево, во соработка со Министерството за внатрешни работи на 22.09.2016 година (четврток) на ,,Денот без автомобили,, во периодот од 13:30 до 14:00 часот ќе биде овозможено булеварот ,,Равен,, да биде затворена за сообраќај.
Настанот има цел да ја подигне свеста кај граѓаните за влијанието на транспортот врз квалитетот на воздухот и да ги охрабри да го подобрат здравјето со промена на еден нивен ден во ден на мобилно однесување.
Европската недела на мобилност е кампања која промовира визија на градски улици на кои не доминираат моторните возила. Тоа е недела на велосипедистите, пешаците, возачите на ролери, тротинети, скејт-борди, корисниците на инвалидски колички, на сите учесници во сообраќајот кои не ја загадуваат животната средина, не прават бучава, не го заземаат животниот простор на своите сограѓани.