Во ресторан “Тропик“ Општинската установа-Матична библиотека “Кочо Рацин“-Пехчево организираше промоција на книгата “Божилак на исконот“ од младиот поет Филип Димковски. Младиот поет беше придружен со музика на познатиот Џина Папас-Џокси.
“Почитувани гости, драги пријатели во ова јунско попладне ви посакувам топло добредојдовте на ова наша и ваша заедничка средба. Голем поздрав упатувам и до нашите гости, а посебно до мојот драг пријател Џокси со кој се познавам подолго време и до младиот поет Филип кој вечерва ќе ни се престави со својата поезија искажувајќи ја љубовта кон природата. Затоа опуштете се со звуците на музиката, уживајте со стиховите на љубовта, зошто ова попладне е создадено токму за тоа.“ истакна директорката на библиотеката Јасмина Цековска.
Пред да го повикам младиот поет да ви се престави, ја повикувам мојата драга колешка, нашата поетеса Габриела Костадинова да го отвори ова попладне со една своја љубовна песна рече Цековска.
„Песната што ќе ви ја прочитам е со љубовна тематика, па како увертира на тоа, не можам а да не кажам неколку реченици во тој контекст. Велат дека оној кој ќе биде допрен од љубовта може да прави работи кој претходно не можел ни да ги замисли. Платон дури рекол дека со допирот на љубовта секоја единка станува поет. Многумина ќе се согласат, многумина ќе негираат, но едно е јасно дека љубовта го менува човекот. И се додека постои човештвото, ќе постои и таа како сведоштво дека две души можат да се сплотат во една само со еден магичен допир на вистинска љубов“ – истакна поетесата Габриела.
Промотор на книгата беше нашата сограѓанка, професорката по македонски јазик Љупка Стоименова, која пред присутните гости го престави Филип и неговата поезија во најдобро светло. Но, за да биде промоцијата тоа што беше голема заслуга доби Џина Папас-Џокси кој се погрижи за забавниот дел на ова манифестација и кој крајот го заврши со песната “На Велигден сум се заљубил“, која всушност беше желба на публиката.