Во село Негрево во текот на овој месец ќе започне изградбата на Едукативниот центар за зачувување на природа, проект кој што општината го доби од Швајцарската агенција за развој и соработка преку Центарот за источен плански регион.
Градоначалникот, Игор Поповски информира дека тендерските постапки се завршени, а во тек е потпишување на договорот со градежната фирма која ќе го реализира проектот.
Едукативниот центар за зачувување на природа во Негрево ќе биде единствен во овој регион, а во него посетителите и учениците ќе можат да ги видат сите карактеристики од животинскиот и растителниот свет во регионот. Донацијата е 200.000 швајцарски франци, а се очекува да се отвори најдоцна до март 2016 година.
Инаку, во Пехчево преку Министерството за животна средина се гради и пречистителна станица за отпадни води во село Црник, а исто така и ќе се гради таложник за водата за пиење во Пехчево. Преку Агенцијата за рурален развој добиени се три проекти со вредност од 13,5 милиони денари, за изградба на улица во село Црник, улица до Археолошкиот локалитет Св. Петка и реконструкција на фекалната канализација во село Умлена.
Градоначалникот Поповски информира дека во моментов се работи на 18 проекти во Пехчево, а во тек е и средување и уредување на четири улици во градот, средствата во висина од два милиони денари обезбедени од буџетот на Општина Пехчево.