Во просториите на општина Берово се одржа прес-конференција со цел претставување на проектот ,, Промоција и заштита на биодиверзитетот на Малешевските планини – МАЛЕШ ’’
Целта на проектот е промоција и заштита на биодиверзитетот на Малешевските планини со цел да се зголеми атрактивноста и да се подобри квалитетот на живеење во заедничката прекугранична област.
Малешевските планини изобилуваат со огромно природно богатство од флора и фауна и се покажа дека не се доволно истражени ниту на македонската страна ниту на бугарската, така да за овој проект се предвидува студија за биодиверзитетот на малешевските планини и ќе претставува основа за понатамошни истражувања.
Проектот ,, Промоција и заштита на биодиверзитетот на Малешевските планини – МАЛЕШ ’’ е еден од 6-те европски проекти кои Центарот за Источно плански регион го доби и го имплементира и се работи за проект поднесен на вториот повик за прекугранична соработка со Република Бугарија, за користење на претпристапните фондови од ИПА програмата со вкупен буџет од 99.953 евра, кои се поделени на двата партнера Центарот за Источно планскиот регион и Бизнис информативниот и консултански центар од општина Сандански. Започнуваме со оперативните работи со оваа прес-конференција и очекуваме сите да се вклучат активно. Проектот е веќе отпочнат се подготвуваат само административните работи, истакна директорката на Источно планскиот регион, Драгица Здравева.
На прес- конференцијата поздравен говор и обраќање имаа и градоначалникот на општина Пехчево и Берово.
Проектот е од огромно значење за зачувување на биодиверзитетот на Малешевските планини и верувам дека проектот ќе биде успешно реализиран и се надевам дека ќе имаме уште заеднички проекти. Верувам дека и во иднина ќе соработуваме, рече градоначалникот на општина Берово, Драги Наџински.
Во мое лично име и во име на граѓаните на општина Пехчево изразувам огромно задоволство шти имаме можност да бидеме дел од проектот за Промоција и заштита на биодиверзитетот на Малешевските планини, што од Македонска страна го спроведува Центарот за развој на Источно плански регион, во соработка со општините од Малешевскиот микро регион. Заштитата на животната средина и природата се еден од приоритетите што ги имам зацртано во мојата предизборна програма, а во тој контекст е и подигањето на свеста на граѓаните за зачувување на животната средина и заштита на природните реткости кои ги има на територијата на општина Пехчево. Верувам дека овој проект ќе биде основа и за посериозни инфраструктурни проекти во иднина кои ќе ги реализираме општините од Малешевскиот регион самостојно или во соработка со Центарот за развој на источно плански регион, истакна градоначалникот на општина Пехчево, Игор Поповски.
Деновиве беше остварена средба и во Република Бугарија во општина Сандански на која присуствуваше и делегација од општина Пехчево, каде беа промовирани целите и задачите на проектот. Првата контактна средба беше за формирање на партнерска мрежа за соработка помеѓу организациите кои работат на заштита на животната средина и сите останати заинтересирани чинители од прекуграничниот регион на Република Македонија и Република Бугарија. Оваа средба има за цел да им обезбеди можност за средба на еколошките организации и здруженија, невладини органи, локални власти, бизниси и образовните институции од целиот прекуграничен регион и се дискутира за концептот на создавање на партнерски мрежи за соработка помеѓу овие организации.