Градоначалникот на Општина Пехчево, Драган Тренчовски, денеска ја спроведе акција за делење на новогодишни пакетчиња за децата од Дневниот центар за лица со посебни потреби и Центарот за лица без родители од Берово, се со цел да се подари насмевка и радост на овие лица.
Денеска сите деца од тие центри се израдуваат на новогодишните пакетчиња кои им беа доделени од страна на градоначалникот на општина Пехчево, Тренчовски.
Тренчовски со оваа акција покажа дека општина Пехчево се грижи за тие деца, им посака напредок во работата, а на вработените во службата успешно спроведување на своите планови и програми во рамките на нивната работа.
– Божикните и новогодишните празници се време кога се прославува радоста, семејството, новиот почеток во новата година. На овие празници најмногу и најискрено им се радуваат децата.
Општина Пехчево денеска ја спроведе активност за делење новогодишни пакетчиња за најчувствителниот дел од населението, во случајов на лицата со посебни потреби и лица без родители. Преку овие скромни подароци (пакетчиња) Општина Пехчево сака да биде дел од радоста на овие деца. Ова дружење кое што го правиме заедно со децата овозможува да направиме и еден рекапитулар на годината која што изминува, но пред се да биде забава во подготовка на наредната 2018 година која што очекуваме да биде поубава, посреќна секако и понадежна за сите нас, истакна градоначалникот Драган Тренчовски.
Искрени и радосни насмевки се гледаа на детските лица, додека градоначалникот им ги делеше пакетчињата.
Директорката на Центарот за социјална работа во Берово, Маја Николова истакна дека оваа година градоначалникот Тренчовки многу ги израдувал децата, а тоа се гледа и по нивната насмевка и дека децата од дневнот центар за лица со посебни потреби – Берово, се трудат, работат напорно и настапуваат на многу натпревари, а освоиле и многу награди. Исто така истакна дека имаат многу добра соработка со Општина Пехчево и се надеваат дека оваа соработка ќе продолжи и понатаму.