По повод одбележување на Детската недела, денеска во основното училиште „ Ванчо Китанов“ во Пехчево беа реализирани повеќе активности меѓу кои и пригодна приредба за прием на првачињата во Детската организација.
Првачињата дадоа свечена заклетва со која се обврзуваат дека ќе учат вредно и ќе постигнат резултати во учебната година.Учениците од повисоките одделенија во нивна чест реализираа свечена приредба.
-Оваа манифестација е во рамките одбележувањето на неделата за детето и на овој начин првачињата ги воведуваме во образовниот процес.Од друга страна ги запознаваме со нивните права, за кои подоцна во училиштето ќе се говори повеќе како и за обврските кои треба да ги исполнат.Во оваа пригода сакам да им посакам добедојде, пријатен престој во училиштето и успех во учењето на нашите нови ученици -рече директорката Добрилка Јовевска.
На свеченоста присуствуваше и градоначалникот на Општина Пехчево, Драган Тренчевски. Тој им го честита приемот на дечињата во светската детска организација.
-“Вложувањето во децата е вложување во иднината – ова е чест слоган на Обединетите Нации, кој се однесува на детската популација. Сите деца имаат право да живеат во демократско и хумано општество, во кое постојат услови младите од сите возрасти, па и оние најмалите, добро да се подготват за предизвиците и промените со кои ќе се судрат во утрешнината која доаѓа.
Драги деца,
Ви посакувам на вашиот животен пат, полека но сигурно, да се стекнете со мудроста од која ова општество ќе биде уште подобро и поубаво место за живеење. Ви се обраќам денеска со пораката дека Вие сте нашето најголемо богатство. Минувајте го слободното време во дружење, спортување и учење, бидејќи моќта е во знаењето. Сакајте ги своите родители, сакајте го своето семејство и почитувајте ги најблиските. Само така, Вашите родители ќе бидат горди на Вас, а покрај нив и ние како општина”, рече Тренчовски.
Првачињата ја положија свечената заклетва и со читање на детските права свечено беа примени во Детската организација.
Инаку, општина Пехчево со одлука од Советот на Општина Пехчево на сите првачиња оваа година им додели по 1500 денари.