Денес е 21 мај.. Денес е ден кога пред точно 71 годинa загинал Ванчо Китанов. Токму овој борец е патронот на училиштето што го носи неговото име, а денот 21 Мај е и патронен празник на учениците и вработените во општинското основно училиште ,, Ванчо Китанов ’’. По овој повод и годинава учениците и наставниците од ова училиште организираа културно – забавна програма.
Најнапред, пред присутните се говореше за ликот и делото на Ванчо Китанов, а пред бистата цвеќе положија вработените во училиштето, градоначалникот на Општина Пехчево, членови на Советот на општина Пехчево, учениците и други почитувачи на ликот и делото.
Прославата на патронатот продолжи пред речиси исполнетата сала при Домот на културата ,, Јане Сандански ’’ во која присуствуваа родители, ученици и гости од градот и околината.
Учениците и наставниците се претставија во одлично издание, посветувајќи ја приредбата на музиката. Во празнично одбраниот концепт имаше прекрасен избор на песни, меѓу кои вреди да се спомнат хорските музички изведби, прекрасниот мандолински оркестар при училиштето, прекрасна соло-изведба на песни.
Дел од претставата беше резервиран и за хумористично- сатирични приредби која доби на свежина, изнудувајќи насмевки и опуштеност кај публиката.
Меѓу присутните во преполнетата сала беше и градоначалникот на општина Пехчево Игор Поповски и претседателот на Советот на општина Пехчево Стојче Стефановски.
Дружбата ја завршија најуспешните спортисти, на кои градоначалникот Поповски лично им ги врачи признанијата и наградите.