Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски викендов оствари средба со градоначалникот на општина Пехчево Драган Тренчовски, претседателот на Советот Николчо Јовчев и со граѓаните на општината.
На состанокот со градоначалникот и претседателот на Советот се разговараше за тековните активности и идните проекти кои ќе се реализираат помеѓу министерството и општината. Тие дискутираа и за актуелната ситуација, законите и мерките кои се донесени за подобрување на животот на граѓаните.
Министерот Николовски заедно со својот домаќин градоначалникот Тренчовски остварија и средба со граѓаните на општината.
Министерот на средбата со граѓаните ги презентираше новите мерки за земјоделците со кои се враќаат парите кај граѓаните, дека се зголемени субвенциите и се работи кон поголемата искористеност на ИПАРД фондовите кои им стојат на располаѓање на земјоделците.
Николовски ги информираше земјоделците дека за неполн месец од мандатот успеале да ги решат сите пречки за исплата на субвенциите, и дека за првпат сите субвенции во земјоделството се исплатени навремено. Тој истакна дека се подмирени и заостанатите субвенции што не ги исплаќала претходната влада за сите земјоделски гранки.
На средбата Министерот додаде дека со измените на законот за ловство се укинува електронското полагање и дека со тоа има големи олеснувања и намалени трошоци, дека стручната Комисија за полагање на ловечки испит ги објавила прашањата, и првото полагање на ловечки испит ќе се одржи на 09.06.2018 токму во Пехчево.