-2 C
Pehčevo

    Интервју – Поставивме нови стандарди во раководењето со Општината

    Датум:

    Градоначалник Пехчево„Доколку в година се отворат нови фабрики во индустриската зона ’Чуката‘‘ и доколку проработи новиот рудник за бакар, тогаш во Пехчево ќе нема работа само за тие што не сакаат да работат“, вели Игор Поповски, градоначалник на општина Пехчево.

    Дали денес за Пехчево може да се каже дека е подобро место за живеење од времето пред Вашиот мандат?

    Довербата од граѓаните значеше и обврска да го оствариме она што го ветивме. Тоа значеше упорна работа на подобрување на патната инфраструктура преку изградба, реконструкција и рехабилитација на локални улици и патишта, изградба на канализациски мрежи, вложување во образованието и културата, инвестирање во обезбедување услови за спорт и рекреација, односно во подобрување на квалитетот на живот во општина Пехчево. А дали денес Пехчево е подобро и поубаво место за живеење, ќе оставам граѓаните да кажат.

    Пехчево е мало гратче, има околу 3.200 жители, па секоја новост се гледа веднаш. Оттука, малку поконкретно да кажете за новите работи кои се направени

    Прво сакам да истакнам дека во нашата Општина се поставени нови стандарди на локално раководење. Градевме и градиме како во општинскиот центар, исто така и во селата. Пехчево доби нов градски плоштад и го уредивме околниот простор, изградивме нови улици во градот, нов градски паркинг, градевме и реконструиравме канализациски мрежи во селата Робово, Чифлик, Умлена и Црник, градевме улици во сите населени места во општината, изградивме спортско игралиште во градот, инвестиравме и во образованието преку реконструкција на училиштата во Панчарево и во Робово. Вложивме и во областа на туризмот – го уредуваме рекреативниот центар „Езерце“ каде што е во тек втората фаза, ги реконструиравме пешачките патеки и мостови на туристичката населба Равна Река и многу други проекти кои се од витално значење за граѓаните на општината.

    Во бившиот систем, Пехчево беше град без ниту еден вработен, работна сила се обезбедуваше од други општини. Како денес стоите на тој план?

    Придвижување има. Локалните фирми често имаат огласи за вработување. Но, мислам дека доколку догодина се отворат нови фабрики во индустриската зона „Чуката“, која оваа година целосно ја приспособивме и доколку се отвори новиот рудник за бакар, ќе можам да кажам дека во Пехчево ќе нема работа само за тие што не сакаат да работат.

    Младите со нетрпение го очекуваат рудникот, но тука работите се по принципот тргни-застани, има ли нешто ново?

    По двегодишен застој концесионерот „Кадица метал“ продолжи со геолошките истражувања. Тоа значи дека се работи на доистражување на рудното тело, по што ќе следува изработка на проект кој ќе оди на конечна ревизија во Министерството за економија, а потоа очекуваме да се добие и дозвола за експлоатација на бакарот. Најбитно е што во овој рудник ќе има работа за најмалку 300-400 лица, а со парите од концесијата општината ќе се придвижи во нагорна линија.

    Голема пехчевска и регионална болка е земањето бугарски пасоши и заминувањето во странство на работа. Што прави локалната власт за младите да останат дома и колку имате помош од Владата? Колку млади се во странство?

    Ние очекуваме со отворањето на рудникот и на фабриките во индустриската зона „Чуката“ да се отворат нови работни места и со тоа да се намали овој тренд и да ги задржиме младите во родното место. Владата помага во таа насока со тоа што максимално е насочена кон отворање нови индустриски зони и привлекување странски инвестиции. Сепак, повеќето од младите кои заминуваат во странство се сезонски работници и се враќаат во родното место.

    На поширок простор станавте атрактивни по Вашиот Фестивал на дувачки оркестри. Имате ли некои нови идеи околу фестивалот? Како Пехчево живее културно?

    Овој фестивал е едно од најдобрите нешта што се случуваат во градот, но и во регионот. Со напорна работа и со огромна ангажираност на моите соработни веќе го достигнавме врвот во организацијата. Конечно, и Пехчево може да се пофали дека полека, но сигурно станува фестивалски град. Направивме многу за овој фестивал, но секогаш имаме можност за некои нови идеи. Планираме Фестивалот на дувачки оркестри Пехчево 2016, кој ќе се одржи по шести пат, да го направиме интернационален.

    Туристичкиот развој го темелите врз неверојатната убавина на Равна Река, но таму се’ уште нема струја. А тука е и новиот, преубав хотел во центарот на градот. Се развива ли Пехчево и во оваа насока?

    Најголемата инвестиција во тековната и во идната година е изградбата на канализацискиот систем со пречистителна станица и електрификација на туристичката населба. Обезбедени се и дополнителни средства за проектна документација за изградба на водоводна мрежа за населбата. Во моментов ЕВН работи на тој проблем и веќе наредната година туристичката населба конечно ќе биде електрифицирана. Имавме повеќе огласи за продажба на парцели во населбата и продадовме доста плацови за изградба на викенд-куќи. Имаме парцели за продажба, па ова нека биде и повик за сите заинтересирани што сакаат да купат плацови на оваа прекрасна локација која изобилува со чист планински воздух, чисти потоци и неколку прекрасни водопади. Да, хотелот во центарот на Пехчево е прекрасно здание и наскоро ќе биде отворен за гости.

    Сподели на:

    Најчитано

    Поврзани
    Поврзани

    Дневен ред за 32-ра седница

    Врз основа на член 48 точка 1 од Законот...

    Кампањата „Општина на дланка“

    Со задоволство ја објавуваме нашата поддршка за кампањата „Општина...

    ОДОБРУВАЊЕ на Проектна Програма  ЗА ИЗРАБОТКА Н УРБАНИСТИЧКИ ПРОЕКТ ВОН РАВНА РЕКА

    Градоначалникот на Општина Пехчево, решавајќи по предлогот за одобрување...

    Донација на вода за пиење од Општина Пехчево во Општина Берово

        Дел од донацијата на вода, која беше донирана...