Градскиот стадион во Пехчево ќе претрпи сериозни инвестиции и ќе добие услови какви што заслужуваат гледачите и клубот.
Нова модерна трибина со капацитет од 1.200 места започна да се гради на градскиот стадион во Пехчево. До крајот на август треба да завршат работите на просторот на северната трибина со што ќе се обезбедат подобри услови за следење на фудбалските натпревари.
Еден од најстарите спортски објекти во градот по повеќе години ќе доживее реконструкција која освен што ќе му даде нов лик, ќе биде попривлечен и за публиката, па и за натпревари од повисок ранг.
– Пехчево заслужува да има објекти кои ќе го унапредуваат спортот. Фудбалот има многу гледаност во овој град и гледачите заслужуваат да следат натпревари во услови слични на оние во другите градови. Овој зафат ќе овозможи да имаме трибина според вискоите стандарди на ФФМ, рече Живко Каликов од општина Пехчево.
Инвестицијата е на Кит-Го Штип и хотел Гогов – Пехчево, и општина Пехчево, а изведувач на градежните работи е фирмата Стоименов од Кочани. Доколку работите течат со планираната динамика, изградбата на новата трибина би требало да се заврши до крајот на месец август 2016г.
Пехчевскиот стадион во неколку наврати беше саниран, но не овозможуваше погодни услови за следење на фудбалски натпревари. Инаку, пехчевскиот фудбалки клуб Кит-Го оваа сезона 2016/2017 ќе игра во третата македонска фудбалска лига – Исток.