Туризам

Пехчево

Вгнездена како во кошничка , на крајниот исток од  Мекедонија пулсира малата живописна Општина Пехчево. Административен центар е гратчето Пехчево ,распослано  на двата брега на Пехчевска река, на надморска височина од 1000 метри, под падините на планината Влаина,  опколено со големи и длабоки борови шуми, студени потоци и чист планински воздух.
Иако мало, ова гратче има долга и богата историја. Археолошките артефакти говорат дека на овие простори постоела населба уште во римско време во која се топела железна руда која се експлоатирала од   Буковик. Според жителите, гратчето топонимот го должи токму на тие печки, односно пешчи.   Во средновековието населбата била важен стопански и административен центар.

sv.Petka 001 Arh-naodi

На само 4 километри оддалеченост , во месноста света Петка , кај населението позната како Манастир, се наоѓа архелошкиот локалитет со истото име. Тоа е старо христијансјка базилика, односно  манастирски комплекс со поголеми димензиии, кој покрај остатоците од црквата градена од камен и вар, вклучува и придружни објекти во функција на манастирското стопанство. Легендата зборува дека се работи за импозантен комплекс со камбанарија чиј звук се слушал дури во соседните Берово и Царево село, денешно Делчево.  Се верува  и дека во близина на Пехчево се наоѓаат темелите на средновековниот книжевен центар Равен, каде што светите браќа Кирил и Методија ја создале глаголица, најстрото словенско писмо.

Патоказ

Сепак она што оваа мала планинска Општина ја прави голема во очите на секој посетител е имагинарнта убавина и прикриените страсти, парче земја полно со контрасти. Во исто време питомо и диво, сончево и олујно, секогаш мистично , природно,  неодоливо.
Истражувањето на волшебните убавини, спојот на природата и традицијата се предизвици на кои ретко кој може да им се одолее.

Cengino kale 011
Во непосредна близина на првите Пехчевски водопади во идиличен амбиент е распослана туристичката населба Равна река. Спојот на традиционалното и модерното најповеќе се огледа во двата мотела кои располагаат со сопствени рибници и кои нудат сместувачки капацитети и вкусни специјалитети приготвени според , ,,бабините ,, рецепти. Овде е и излетнчкото место ,, Бараки,, кое нуди простор за одмор и рекреација, дрвени летниковци и друга инфраструктура и опрема. Овој локалитет располага и со приватни вили за сместување, спортско игралиште за фудбал и кошарка, базен во рамките на мотелот Идила, место за пикник (летниковци), патеки за велосипеди и пешачки патеки. На територијата на Малешевијата има маркирано пет пешачки патеки. Дел од пешачките патеки може да се искористат и за планински велосипедизам.

Рибник Пеком Рибник Загорка

Бараки Летниковци Патеки пешачки

Локалната самоуправа донесе нов детален урбанистички план со кој се предвидува продажба над 300 градежни парцели, за индивидуални и угостителски објекти.

Вили летниковци
Поради близината која е помала од 12 тина километри од центарот на Пехчево, овој водопад е и најпосетуван од страна на туристите, но вистинското богатство допрва претстои.
Во недопрените шумски предели на Малешевските планини , Буковик и Кадиица , низ горното течение на реката Брегалница , в гнезден е невчекорен природен рај.
Под самиот изворишен дел на реката Брегалница, која овде го носи локалното име Љутачка река, на околу 17 тита километри од Пехчево, во близина на врвот Ченгино кале се наоѓа највисокиот од низата познати Пехчевски водопади.

Водопад чешма
До водопадот води модерно уредена патека изработена од автохтон дрвен материјал  и неколку клупи за одмор и уживање во несекојдневната глетка на надморска височина од над 1600 метри.
Неколку стотини метри низводно, наидуваме на водопадот чија висина надминува 15 метри. Гласот на реката е посилен . Го заглушува црцорот на птиците , зуежот на инсектите…
На само еден километар подолу навлегуваме во Шумскиот парк Скокото. На влезот е каптиран чист планински извор со беспрекорен квалитет на водата. Покрај десетлетните борови стебла,  чистиот планински воздух, за кој неретко во шега пехчевчани велат дека е нивниот најдобар извозен производ кој не може да се извезе,  најповеќе пленат и оставаат без здив двата поголеми водопади Дебел рид  и бројните помали каскади вешто издлабени од неприкосновеното длето на природата.

Водопад скокото DSC_8382

На 7 километри од Пехчево , во пазувите на Буковик и врвот Орловец се наоѓа карпестата формација кај народот позната како Вртена Скала. Кај месното население постои верување дека карпата има некаква моќ, па според усните преданија, уште од дамнина се верувало дека  протнувањето низ карпата им помага на мајките кои немаат деца да си одимаат пород,  а им помага и на малите деца кои страдаат од лоши соништа или несоница. За таа цел во самиот отвор се оставаат дарови кои ќе им удоволат на добрите духови. Ова верување е распространето покрај во Малешевијата,Пијанец ,Кочанско и пошироко во Македонија.

vrtena skala Вртена скала
Неколку стотина метри од природната знеменитост постои природна чешма со вода која во себе содржи  минарали на железо. Тоа е само уште една потврда за  сеуште не експлоатирани резерви на железна руда на територијата на Општината. Покрај тоа овој крај е богат и со неколку вида квалитетна глина и резерви на бакарна руда. Во падините на Буковик руски инвеститори ќе вложат 100 милиони долари за експлоатација на бакарната руда, а во самиот производствен процес ќе бидат вработени над 100 работници, што во пасивниот малешевски крај го враќа оптимизмот на голема врата. И воопшто последните две години стопанството полека но сигурно застанува на здрави нозе. За тоа главна улога имаат малите и средни претпријатија од дрвната индустрија. Оние малку невработени се заниваат со традиционалните земјоделски гранки , пред се сточарството и поледелството.
Локалната самоуправа од година во година забрзано работи на подобрување на туристичката понуда. Возообновен е Фестивалот на дувачки оркестри на кој земаат учество реномирани музичари од земјава и странство, а не недостасуваат ниту пропратните содржини.  Од 10 – ти до 13 јули , од Петровден и Павловден, закрилникот на   малото малешевско гратче пулсира во ритамот на старите македонски ора, звукот на трубите , етно саемот, спикијадата и повеќе други културно- забавни манифестации. По градските улици продефилираат илјадници гости и учесници. Сите тие имаат можност да се запознаат со изработките на вештите раце на ракотворките и занаетчиите,  да вкусат од на далеку прочуениот пехчевски кашкавал, сирењето, компирот. Да се насладат на старите локални специјалитети. Овде ќе ги слушнете и заборавените рецепти од народната медицина и  за стотиците лековити билки кои сами можете да ги наберете во потесната и пошироката околина.

festival2013-14 finale17
Ова е само мал дел од она што го нуди Општина Пехчево. Новите инвестиции се на повидок. Се вложува и во современ спа центар во центарот на градот. Се обновува старата патна инфраструктура. Се гради ново Пехчево, Пехчево прилагодено на современите потреби на мештаните и туристите.

Општина Пехчево © 2013 - 2020 Сите права се задржани | Hosting and Development by MSP Myserverplace