Пошумувањето е традиција која ги мобилизира граѓаните и ја подига свеста за природата.
Под мотото ,, Засади здравје! Засади здрава иднина! и годинава општина Пехчево го одбележа Денот на дрвото. Акцијата „Ден на дрвото” вчера успешно се реализираше на локација во м.в. Драганчица – Равно Борје на 2км од Пехчево, на површина од 1 хектар. Временските услови не беа пречка за пехчевци да излезат масовно и да посадат 2000 илјади дрвца. Градоначалникот Поповски и вработените во администрацијата, вработените од јавните претпријатија и други граѓани на општината заедно со вработените во Македонски шуми зедоа активно учество во есенската акција ,, Ден на дрвото ’’, за да придонесат во создавањето на здрава и чиста животна средина за сегашните и идните генерации.
,, Во еден интересен амбиент продолжува акцијата. Акцијата стана убава традиција , на граѓаните им ја подига свеста за потребата од заштита на природата и ја разубавува нашата средина и го прави градот позелен и почист. Искуството покажува дека на овој начин се придонесува за еколошки чиста и здрава животна средина. Локалната самоуправа во иднина ќе продолжи да ги поддржува ваквите граѓански иницијативи, се со цел да даде свој придонес во унапредувањето на животната средина ’’, истакна градоначалникот Игор Поповски.
Во збогатувањето на дрвниот фонд учество зедоа и учениците од основното општинско училиште ,, Ванчо Китанов ’’.
И оваа година, граѓанската акција за пошумување ,, Ден на дрвото ’’ се реализира во партнерство со Владата на Република Македонија, односно Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Јавното претпријатие ,, Македонски шуми ’’.