Градоначалникот на општина Пехчево Игор Поповски, во рамките на одбележување на Светската недела на детето, денеска ја посети детската градинка ,, 7 Септември ‘‘.
За таа пригода децата од сите 5 групи подготвија разновидни пријатни изненадувања кои на градоначалникот денот му го збогатија со детска насмевка, детски џагор. Денот му го разубавија и со детска песна за есента, правата на децата, за овошјето и зеленчукот како здрава храна.
Децата на градоначалникот му ги презентираа и многубројни изработки со овошје и зеленчук изработени од пластелин, слики за есента и др.
За градоначалникот, Игор Поповски, децата се најголемото богатство на секое општество и им порача да го користат своето време за учење, дружење и спортување, но и да ги сакаат своите родители и да се почитуваат меѓусебно.
– Изразувам радост која сакам да ја споделам меѓу сите и да покажем дека се е посилно кога сме заедно, па и радоста тогаш е поголема. Од голема важност е оваа недела како светска недела на детето, кога треба да се зборува за правата на децата. Сите деца имаат право да живеат во демократско и хумано општество, во кое постојат услови за младите од сите возрасти, па и оние најмалите, добро да се подготват за предизвиците и промените со кои ќе се судрат во утрешнината која доаѓа. Минувајте го слободното време во дружење, спортување, учење. Сакајте ги своите родители, сакајте го своето семејство и почитувајте се меѓусебно сите и почитувајте ги најблиските – истакна градоначалникот Поповски.
Во рамките на одбележување на Светската недела на детето, детската градинка ,, 7 Септември ‘‘ оваа недела организира многубројни настани: Работиме со пластелин за секоја наша изработка, тој е многу фин, играме и танцуваме, пееме се радуваме, игри без граници, куклена претстава и др.