Пехчево повторно ве поканува на единствениот фестивал на трубите! Три дена исполнети со големи концерти на македонски и балкански ѕвезди и настапи на врвни дувачки оркестри.
По осми пат ќе се одржи Фестивалот на дувачки оркестри на плоштадот „Св. Петар и Павле“. Од 12-ти па до 14-ти јули Малешевијата ќе биде во знак на звуците на трубите!
„Годинава ви подготвивме уште едно спектакуларно издание со многу богата програма. Верувам дека посетителите ќе уживаат не само во понудата од музичката програма туку и во понудата на угостителите. Како и секоја година, очекуваме да бидат исполнети сите сместувачки капацитети на Пехчево и околината. Затоа упатуваме покана до сите наши верни посетители да го резервираат својот престој навреме“, велат од општина Пехчево.
Фестивалот ќе започне во четврток, на 12 јули, со утринско будење, дефиле и вечерни настапи на Битолскиот дувачки оркестар, дувачки оркестар Сенад Бенд и дувчки оркестар Бојан Ристиќ – Србија. Вториот фестивалски ден ќе биде во петок, 13 јули каде свои настапи ќе имаат Оркестар млади Агушеви, Оркестар Џамбо Агушеви, Brass brothers и големата балканска сензација – АМАДЕУС бенд. Освен музичките концерти ќе се одржи и Етно-саемот „Пехчевски Павловден“. За затворањето на фестивалот се задолжени Уска Кан, Mirror man, Александра Јанева и ѕвездата за сите генерации – ХАРИ МАТА ХАРИ.
Богатата програма е овозможена од генералните покровители на фестивалот Општина Пехчево, Кит-Го маркети, Хотел Гогов, ДИК„Фагус“ и други.
Низ годините овој фестивал угостил над 100.000 посетители, а на сцената настапиле многу млади изведувачи кои денес се издигнаа во квалитетни меѓународни ѕвезди.
Пехчево и годинава ве очекува на целодневна забава за сите вкусови и сите возрасти!