Со подароци од книга и цвет на верните читатели, пехчевската библиотека „Кочо Рацин“ го одбележа Светскиот ден на книгата и авторското право, 23 Април.
Во рамките на одбележувањето беа доделени награди и на соработниците и на учениците кои учествуваа на конкурси во пишување поезија и млади библиотекари. Габриела Костадиновска, библиотекарка, истакна дека пехчевската јавна библиотека има околу 300 читатели и изборот да се одберат најверните чиататели бил тежок.
-Оваа година доделивме цвеќе и книга на најверните читатели и тоа ги поделивме во две категории, читатели рекордери и најчитатели рекордери за 2016, при што доделивме 31 награда. Исто така, наградени беа и ученици кои учествуваа на општинскиот натпревар за млади библиотекари, доделени беа благодарници на ученици кои учествуваа на креативната работилница за пишување поезија, награди, книга и цвет добија и соработници на библиотеката, рече Костадиновска.
Таа додаде дека овој ден е празник на книгата и на читателите.
-Овој настан го организираме со цел да го свртиме вниманието кон книгата, авторите, да кажеме колку се тие значајни во градењето на една личност . Ако за светската книжевност Сервантес и Шекспир се звучни имиња и оставаат значајно место во литературата, тогаш за тимот библиотекари, читателите се звучните имиња во нашиот дом наречен библиотека. Идејата за овој ден потекнува од Шпанија, каде традиционално секоја година на 23 Април се подарува книга и цвет, рече Костадиновска.
За време на манифестацијата од страна на директорката Јасмина Цековска беше прочитана и пораката од генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова и пораката од познатиот филозоф и поет Иван Џепаровски.