На 9 јули Пехчево ќе биде домаќин на најмасовниот фестивал во Македонија, а воедно и единствениот уличен фестивал од ваков тип – БАСКЕРФЕСТ.
Новиот предизвик доаѓа со дел од најатрактивните светски „street“ уметници подготвени да не забавуваат и воодушеват со фантастичните настапи. Баскер е подготвен за нови уживања во спектакуларната комбинација на бројни магионичари, акробати, музичари и извонредни таленти.
Атракциите од учесниците на овој фестивал пехчевчани ќе можат да ги проследат на градскиот плоштад со почеток од 19 часот.
Ова е втора година како овој атрактивен стрит-арт фестивал се одржува во Пехчево. Оваа година пехчевчани ќе можат да уживаат во жонглирањето со оган, во магионичарските трикови, да ги гледаат познатите брејкденсери и уште многу други уметници од целиот свет кои забавата ќе ја преселат во Пехчево.
–Пехчевчани и гостите ќе имаат можност да уживаат во позитивните вибрации на „Баскерфест“, преточени преку музика во живо на познати музички бендови, пантомима перформанси, глума на улични театри, улични танчери и други креативни активности, што овој фестивал го прават вистински сплет на културни, уметнички и забавни содржини. Ги повикам граѓаните на Пехчево и гостите да се подготват за несекојдневно и незаборавно аудио и визуелно уметничко шоу, кое ќе ги воодушеви сите, истакна градоначалникот Поповски.
Пред вас е големиот настан за целото семејство, кој ги поврзува луѓето од сите возрасти, па без разлика на сѐ, бидете сигурни дека не смеете да го пропуштите најспектакуларниот фестивал ,, Баскерфест “.
Инаку, овој караван е пред најава на овогодинешното јубилејно петто издание на Фестивалот на дувачки оркестри кој започнува на 10 јули.