Бизнис Центарот во рамките на Центарот за развој на Источен плански регион, во текот на 2020 година имплементираше проект за поставување на Агрометеоролошки станици за заштита на земјоделските култури и животната средина во Источен Плански регион, односно поставување на станици во сите 11 општини од Источниот регион.
Со овие агрометеоролошките станици им се обезбедуваат информации на земјоделците за навремена заштита на земјоделските култури од атмосферските влијанија, како и неопходните информации за да ги планираат сите агротехнички мерки што треба да ги преземаат во одреден период од годината. Уредите што ги содржат поставените станиците ги мерат температурата и влажноста на воздухот, брзината и правецот на ветерот, количината на врнежи, соларната радијација, влажноста на листовите на растенијата, како и температурата и влажноста на почвата.
Средствата на проектот се обезбедени преку Програмата за одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој, а финансиран од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа.
Сите заинтересирани граѓани и засегнати страни можат да се запознаат со проектот и информациите од агрометеоролошките станици (станицата за општина Пехчево е поставена во атарот на Пехчево и е поставена да дава податоци за најзастапената овошна култура во нашето поднебје-модрата слива.) преку инсталација на Android апликацијата (Meteobot) и веб страна (www.agroistok.mk).