Градоначалникот на Пехчево, Игор Поповски денес го посети првото новородено бебе во 2014 година во Пехчево. Првото бебе во Пехчево во новата година е девојче, тежи 3.620 грама, а долго е 50 сантиметри.
Петтиот ден од новата година весел и бериќетен беше за семејството Тренчевски каде се роди Ана второто дете на Александра и Ванчо, а првото бебе во општина Пехчево за 2014 година.
Градоначалникот Поповски и претставници од локалната самоуправа, денес официјално и честитаа на мајката на првото новородено дете во Пехчево. Среќната мајка ги прими честитките, а градоначалникот лично и ја додели наградата за првороденото дете во општината, пакет производи за бебиња и парична сума во висина од 3.000 денари.
Сакам да ви го честитам новороденото бебе, и посакувам на Ана да биде здрава, жива, весела, радоста да ја следи во текот на целиот живот, успесите и достигнувањата да не ја одминат во текот на целиот живот – истакна градоначалникот Игор Поповски.
Среќна сум и имам голема чест што ме посети градоначалникот, а донесе и подароци за мојата ќеркичка. Сепак ова ми e најубавиот подарок и на сите им ја посакувам мајчинската среќа – изјави родилката Александра.
Градоначалникот Поповски вели дека ова е одличен почеток во насока на зголемувањето на наталитетот во Пехчево кој бележи пад. Се надевам дека оваа година, локалната самоуправа ќе придонесе во зголемувањето на наталитетот.
„Усвоивме одредена сума на пари, финансиски средства за буџетот во 2014та година односно ги предвидовме во буџетот за 2014 со кои што покрај мерките на Владата на Република Македонија имаме намера да секое новородено дете го наградиме со сума од 3.000 денари со што ќе дадеме еден мал допринос во општата кампања на целокупното општество во Република Македонија за зголемување на наталитетот, затоа што верувајте, без зголемен наталитет, не можеме да планираме некој голем раст и развој воопшто на заедницата и општеството.“ додава Поповски.