Во Пехчево од страна на Општинската изборна комисија вчера беа доделени уверенија за мандатите на 11 советници и на градоначалникот на Пехчево, Игор Поповски.
Претседателката на ОИК – Пехчево, Елена Демјанска, во своето обраќање на сите учесници во изборниот процес им честита за високата свест и достоинство во процесот на Локалните избори 2013.
– Најпрво би сакала на сите учесници во изборниот процес да ви честитам за високата свест и достоинство што го имавте во процесот на Локалните избори 2013. Во пехчево, изборите беа фер и демократски, што е уште еден адут повеќе дека новиот лик на локалната власт во оваа на општина е скроена по вољата на граѓаните. Во име на членовите на ОИК во Пехчево на сите Ви ја честитам победата и како граѓани на Пехчево очекуваме да ги остварите целите на оваа демократска придобивка да работите врз принципите на демократијата, во интерес на сите граѓани на Пехчево и ова наше гратче да го направите достојно место за живеење, односно да продолжите каде што застанаа вашите претходници. Ви посакувам успешна работа – рече претседателката на општинската изборна комисија Елена Дамјанска.
На чинот на доделување на уверенијата, се обрати и новиот градоначалник на Пехчево, Игор Поповски.
– Најпрво честитки до сите инволвирани во изборниот процес за демократските избори во Пехчево, но и честитки за одлично завршената работа на ОИК. Дозволете ми да се заблагодарам на поддршката што ми ја дадовте на овие избори и на Програмата која ветувам дека со ваша поддршка и со поддршката од Владата ќе биде реализирана. На овој свечен чин, кога и официјално ни се доделуваат мандатите, сакам да ја споделам со вас мојата идеја за Пехчево да го направиме Пехчево достојно место за живеење, а општината, општина на сите граѓани.
Како досегашен претседател на Советот на Општината, во тек сум со сите активности во оваа општина и еве денеска свечено ветувам дека демократските принципи, грижата за секој граѓанин, без никакви предрасуди, општина која ќе претставува вистински сервис на граѓаните каде што ќе се решаваат нивните проблеми, ќе бидат моите приоритети. Вие ми ја дадовте довербата, а јас ќе ве почитувам и ќе ги ставам во функција сите мои капацитети и капацитетите на општината, ќе продолжам таму, каде што застана мојот претходник и советниците на кои им завршува мандатот – рече градоначалникот на општина Пехчево, Игор Поповски.
На состанокот присуствуваше и поранешниот градоначалник Јованчо Станоевски, кој им го честиташе избраниот мандат на сите советници, а на градоначалникот Игор Поповски му посака успешна работа.
Конститутивната седница на новиот општински Совет ќе се одржи 04.04.2013 година во 15 часот.